Тортиља чипс со мелено ленено семе

Тортиља чипс со мелено ленено семе

Доколку сте љубители на мексиканската храна, пробајте го крцкавиот тортиља чипс со мелено ленено семе. Може да го послужите со гвакамоле или било кој сос и намаз по ваша желба. Се прави брзо, а неговата крцкава текстура ќе ве освои уште на првиот залак.

Може да ги послужите како мезе на вашите седенки со пријателите додека гледате филм, а одлично одговараат и со пиво. Посен, без глутен и вегански рецепт за сите генерации!

чипс од мелено ленено семе

Состојки:

  • ½ чаша мелено ленено семе
  • 1/8 чаша вода
  • прстофат сол.

Подготовка:

  1. Во нелеплива тава на оган ставете ги лененото семе, водата и солта.
  2. Мешајте со силиконска шпатула неколку минути, додека испари водата и од состојките добиете тесто. Доколку немате мелено ленено семе може сами да измелите во процесор за храна.
  3. Од добиената смеса формирајте 3 топки.
  4. Врз мрсна хартија за печење ставете една топка и исучете ја во тенка кора со дебелина од 1-2 мм. Се препорачува да ставите хартија за печење и врз тестото, за да не ви се залепи за сукалото. Потоа, со помош на нож за сечење пица од кората исечете ја на половина, па на четвртини, така што ќе добиете 8 триаголници. Од оваа количина на состојки најчесто излегуваат 3 вакви кори и 24 тортиља чипсови.
  5. Готовиот чипс печете го на решетка во претходно загреана рерна на 175 степени околу 8-12 минути или се додека стане крцкав.
  6. Печениот чипс послужете го со гвакамоле или домашна салца.

Ви препорачуваме да прочитате: Овесна тортиља со фил од печурки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: