Чоколаден колач со прелив од рум

Можеме да кажеме дека ова е нашиот омилен чоколаден колач, кој лесно се припрема со состојки кои ги имаме во кујната. Рецептот е повеќе пати испробан во нашата кујна, а аромата која му ја даваат какаото, ванилата и румот, го прават овој мек и сочен чоколаден колач идеален за секоја пригода.

Ајде, запишете го во вашата тетратка и во првата прилика, направете го и уживајте во вкусот со семејството и пријателите. Штом го направите, не заборавајте да ни пишете во коментар како ви се допаднал чоколадниот колач.

чоколаден колач

Состојки:

  • 3 јајца
  • 9 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 15 лажици млеко
  • 3 лажици масло
  • 9 лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 3 лажици чоколадно какао.

За прелив од рум:

  • 100 мл млеко
  • 4 лажици шеќер
  • 2 лажици рум.

Чоколаден прелив:

  • 100 грама чоколадо за готвење
  • 100 мл слатка павлака.

Подготовка:

  1. Рерната пуштете ја да се загрева на на 220 степени.
  2. Во длабок сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа кремаста смеса.
  3. Брашното, чоколадното какаото и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија и добро измешајте ги со лажица.
  4. Во садот со изматените јајца додајте ги млекото, маслото и кратко измешајте со лажица. Потоа во садот додајте од смесата со брашно и какао, и мешајте со лажица за да добиете хомогена смеса без грутчиња.
  5. Во тава со големина број 40, ставете хартија за печење. Во тавата додајте ја смесата за чоколадниот колач и добро израмнете ја. Колачот печете го за време од 15 до 20 минути, потоа извадете го од рерна и проверете со чепкалка дали е добро испечен. По потреба, продолжете со печењето.
  6. Испечениот чоколаден колач извадете го од рерната и оставете го да се излади.
  7. Во меѓувреме припремете го преливот од рум. Во мало тенџере на оган, на средна температура ставете го млекото, шеќерот и румот. Мешајте додека шеќерот се растопи.
  8. Преливот од рум и млеко нанесете го врз изладениот чоколаден колач.
  9. Во сад на оган, на средна температура ставете ги слатката павлака и чоколадото. Мешајте додека чоколадото се растопи. Растопениот чоколаден прелив нанесете го врз чоколадниот колач, декорирајте по желба и послужете. Уживајте во неодоливиот вкус!

Совет плус: За да добиете идеален вкус и конзистенција на чоколадниот колач ви предлагаме да прочитате како да направите совршен пандишпан.

Сподели: