meze sosovi so Bimilk 1

3 мезе сосови со Битолска павлака

Што е потребно за добра забава и дружење со пријателите или пак за вечерно уживање во креветот и следење на добар филм? Грицки во комбинација со вкусен сос, нели? А што би рекле за 3 мезе сосови со павлака?

Минатата недела бевме предизвикани од #БиМилк за да приготвиме рецепт со Битолска павлака. Се одлучивме да приготвиме нешто лесно и едноставно, за секој да може да го направи. Па, така се роди идејата за трите мезе сосови чија основа е Битолската павлака. Три различни кремасти вкусови, така што секој ќе може да го одбере својот фаворит. Мексиканскиот сос е идеален за љубителите на лута храна, медитеранскиот сос изобилува со ароми на домати и оригано, а традиционалниот го збогативме со семиња и добивме кремасто-крцкава текстура која совршено се вклопува со крекери. Од вкусното мезе ве делат само 5 минути, а веруваме дека ве мотивиравме да го пробате и овој рецепт од кујната на Сѐ за храна.

meze sosovi so pavlaka 2

Состојки:

  • 400 мл Битолска павлака
  • 300 г изварка
  • сол по вкус.

Мексикански лут сос:

  • 2 мали лажички мелена црвена пипер
  • ½ мала лажичка чили зачин (по желба може да додадете повеќе)
  • лук во прав по вкус.

Медитерански сос:

  • 2 лажици кечап
  • 2 лажици мајонез
  • ½ – 1 мала лажичка оригано.

Традиционален сос со семиња:

  • 2 лажици сусам
  • 2 лажици сончоглед
  • мелен црн пипер по вкус
  • ½ лажиче лук во прав или 1 чешне лук или по вкус
  • 2 лажици сечкан магдонос.
meze sosovi so bimilk 3

Подготовка:

  1. Во длабок сад ставете ги Битолската павлака, изварката и додајте сол по вкус. Измешајте и смесата поделете ја на три еднакви делови.
  2. Започнете со подготовка на мексиканскиот сос. Во едниот дел ставете мелена црвена пипер, чили зачин и додајте малку лук во прав. Измешајте ги состојките и сервирајте го сосот во мала чинија.
  3. За да го направите медитеранскиот сос, во другиот дел од смесата со Битолската павлака додајте кечап, мајонез и оригано. Измешајте и сервирајте го сосот во мал сад.
  4. Сусамот и сончогледот ставете ги во нелеплива тава на оган. Пропржете ги околу 2 до 3 минути.
  5. На крај во преостанатата смеса со павлака додајте ги сусамот, сончогледот, магдоносот и зачинете со лук во прав и мелен црн пипер. Измешајте ги состојките и ставете ги во мала чинија.
  6. Трите мезе сосови со Битолска павлака послужете ги со крекери или тортиља чипс по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Пикантен доматен сос и намаз „чатни“ по индиски рецепт.

Сподели: