Сигурно и вие се трудите на семејството да му обезбедите што е можно поздрава исхрана, а при тоа истата да е вкусна и примамлива и за децата. Ви припремивме листа со неколку корисни совети и вкусни рецепти со кои ќе може да им приготвите здрави оброци на вашите најмили. На тој начин ќе им ги смените животните навики на подобро, а ќе влијаете и во иднина да се хранат поздраво и да бираат мудро што ќе јадат.
Многу мајки со цел да им вметнат повеќе овошје и зеленчук во исхраната на своите деца се служат со метод на прикривање со намирници кои им се омилени. На тој начин децата примаат екстра витамини и минерали без да приговараат за храната. Па, прочитајте ги нашите совети, применете ги и кажете дали и вам ви успеа да направите здрави промени во начинот на исхрана на семејството.

Гответе заедно со децата
Некои истражувања покажале дека децата кои учествуваат во подготовката на оброците со своите родители вообичаено се хранат поздраво. Тие подобро ја разбираат важноста на здравата и урамнотежена исхрана и градат подобри животни навики. На овој начин не само што тие ќе стекнат здрави навики, туку и ќе поминат квалитетно и забавно време со вас, настрана од компјутери и телефони.
Направете вкусни сосови и додавајте зеленчуци во тестенините
Сосовите се одличен начин да вметнете што е можно повеќе зеленчук во храната, а никој да не го забележи. Па така, во сосот за шпагети, пица или лазањи може да ставите зеленчук. Едноставно издинстајте малку морков, целер, пиперка, лук и на крај испасирајте ги и додајте им доматен сос. Резултатот ќе ве воодушеви. Исто така, во тестенините може да додадете брокула, грашок, спанаќ или друг зеленчук по ваш вкус.
Може да ве интересира: Посни тестенини со брокула и грашок.
Подгответе здрави овошни десерти
Десертите им се омилени на сите, па затоа со нив може и најмногу да експериментирате. Наместо да користите тешки филови, направете лесни и овошни. Експериментирајте со овошја по желба во зависност од сезоната. А може да користите и замрзнати овошја во оние периоди кога нема баш голем избор на пазарите. Во десертите додајте замрзнати овошја како малини, вишни, капини, јагоди или микс од сите овие овошја и верувајте, сите ќе бидат воодушевени, па дури и најголемите нејадачи. Направете вкусен сладолед со јогурт, замрзнато овошје и мед или освежително смути од замрзнато овошје.
Бидете им добар пример на децата
Не може да очекувате вашите деца да јадат брокула, доколку и вие ретко или воопшто не ја консумирате. Ако детето во вашата порција види различни зеленчуци, голема е веројатноста дека и тоа ќе посака да го јаде истото. Што е најважно, овие оброци се спремаат брзо и лесно. За да направите чинија полна со бои и витамини, ставете динстани зеленчуци како брокула, боранија, грашок, пченка, карфиол, спанаќ или пак мешавина од истите. Изборот е навистина огромен, а можностите за нивна комбинација се неограничени. Може да ги додавате во варива, чорби, тестенини или пак да подготвите вкусни салати.
Може да ве интересира: Летна салата со пченка.
Организирајте тематски вечери
Со цел да ги направите оброците позабавни, може да организирате тематски вечери. Па така, една вечер направете мексиканска вечера, така што ќе додадете мешунки кои изобилуваат со растителни влакна или авокадо кое е богато со витамин Е. Друга вечер посветете ја на индиската кујна и подгответе вкусно кари кое е богато со зеленчук и куркума која е позната по своите лековити својства. Наредна вечер пригответе јапонска кујна и подгответе вечера која изобилува со омега 3 масни киселини кои се кријат во вкусната риба. На овој начин не само што ќе внесете здрави намирници во исхраната, туку и ќе се запознатете со различностите и убавините на другите култури.
Подгответе здрави грицки
Доколку имате проблем да ги убедите децата да јадат свежо овошје и зеленчук, тогаш обидете се да им подготвите разни намази и сосови како прилог на истите. Многу истражувања покажале дека децата на овој начин побрзо и полесно ќе посегнат по овие здрави грицки.
Маскирајте ги оние намирници кои не ги сакаат, со ние кои им се омилени
Можеби вашите деца не се љубители на риба, но кој може да одолее на вкусни стапчиња од ослиќ? Речиси сите деца обожаваат компири, па искористете ги истите за маскирање на оние намирници кои и не им се баш омилени. Може да подготвите најразлични вегетаријански плескавици со различни зеленчуци, чија основа ќе бидат компирите.
Планирајте здрави оброци
Планирањето на здрави оброци започнува уште во продавница и затоа секој пат кога одите на купување, паметно бирајте што ќе купите. Наместо обични бели тестенини, земете ги оние од цело зрно, читајте ги декларациите и гледајте секогаш да се снабдите со многу зеленчук, овошје и риба.
Се надеваме дека ви помогнавме за креирање на подобри навики и подготовка на поздрави оброци. Имате некоја идеја или знаете супер здрав рецепт? – Пишете ни во коментар.
Ви препорачуваме да прочитате: Брз рецепт за печење на замрзната риба.