Фритата со спанаќ, киноа и сирење

Фритата со спанаќ, киноа и сирење

Фритата е нешто посложена врста на кајгана, која обично е направена од повеќе состојки. Карактеристично е за неа тоа што таа прво се пржи на оган, а потоа се печи во рерна. Овој пат ви претставуваме еден интересен рецепт за фритата со спанаќ и киноа кој е вкусен, вегетаријански и многу здрав.

Овој рецепт е многу едноставен и брз за приготвување, а со својот вкус гарантирано никого нема да го остави рамнодушен. Вреди да го пробате кога не сте многу расположени за готвење на покомплицирани јадења кои одземаат многу време, а сепак сакате да ги импресионирате вашите најблиски со богат и вкусен ручек.

фритата со спанаќ

Состојки:

  • 2 јајца
  • 450 грама спанаќ
  • 2 чаши варена киноа (или 1 чаша неварена киноа)
  • 1 чаша сирење
  • 2 лажици маслиново масло
  • 1 средна главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 1 лажичка свежа мајчина душица
  • 1 лажица свеж рузмарин
  • 1 црвена пиперка
  • ¼ лажичка мелен црн пипер
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Спанаќот ставете го во врела вода и бланширајте го за време од 10 секунди. Потоа префрлете го во сад со ладна вода во која претходно сте додале мраз.
  2. Кога ќе се излади спанаќот исцедете го од водата и ситно исечкајте го.
  3. Лукот, кромидот и црвената пиперка ситно исечкате ги.
  4. Во тава на оган, на умерена температура загрејте го маслиновото масло. Додајте ги сечканиот кромид, лукот, мајчината душица, рузмаринот, црвената пиперка и кратко пропржете ги.
  5. Јајцата ставете ги во длабока чинија и изматете ги со виљушка.
  6. Запржените зеленчуци ставете ги во поголем сад и додајте го спанаќот, варената киноа, дробеното младо сирeње, изматените јајца, посолете и зачинете со мелен црн пипер. Смесата за фритатата измешајте ја со лажица.
  7. Тавата за печење (20*20 см) намрсете ја и посипете ја со лебни трошки. Во тавата ставете ја смесата и добро израмнете ја.
  8. Фритатата ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени за време од 20 минути, односно додека порумени.
  9. Печената фритата исечете ја на парчиња и сервирајте ја топла или пак изладена на собна температура. По желба, послужете ја со јогурт или пак свежа салата.

Ви препорачуваме да прочитате: Печена фритата со зеленчук.

Сподели: