Овој ароматичен путер од јаболка, несомнено ќе го донесе мирисот на есента во вашиот дом. Одличен е за сите генерации, од најмали па се до најстари. Македонија е земја која изобилува со вкусни јаболка, па да ги искористиме и да ги направиме најубавите рецепти!
Иако во овој малку необичен путер, воопшто нема путер, тој по својата мазна и фина конзистенција многу потсетува на овој млечен производ, па од тука го добил и своето име. Одлично оди со парче препечен леб и чаша овошен чај. Кратко кажано ова е совршен есенски рецепт, кој ќе ве топли и во зимските денови.

Состојки:
- 2 кг непрскани јаболка
- 1 чаша домашна јаболкова киселина
- 2 чаши вода
- 4 чаши шеќер
- прстофат сол
- 2 лажички цимет
- ½ лажичка каранфилче
- ½ лажичка пимент по желба
- кора и сок од 1 лимон.
Подготовка:
- Јаболката добро измијте ги и исечете ги на четвртинки. За подготовка на овој путер јаболката не треба да се лупат, бидејќи лушпата содржи пектин и дава убав вкус и густина. Затоа јаболката треба да бидат непрскани и нетретирани. Доколку на кората има оштетени делови отстранете ги.
- Во длабок сад за готвење додајте ги парчињата јаболка, водата и јаболковата киселина.
- Јаболката варете ги околу 20 минути или додека омекнат. Садот тргнете го од огнот.
- Варените јаболка испасирајте ги со рачен блендер или виљушка, така што ќе добиете пире од јаболка.
- Во садот со пирето од јаболка, додајте ги шеќерот, зачините, кората и сокот од лимон.
- Вака подготвеното пире од јаболка варете го во непокриен сад со постојано мешање на ниска температура.
- Варете околу 1-2 часа или додека путерот од јаболка добие мазна конзистенција и се згусни.
- Вака подготвениот путер од јаболка соберете го во чисти тегли. Теглите добро затворете ги и стерилизирајте ги со варење во вода.
Ви препорачуваме да прочитате: Романска пита со јаболка и цимет.