Обожаваме да дегустираме нови јадења, а ќофтињата кои се направени од компири, ориз и зеленчук ни се едни од омилените. Лана, овој пат има нов предлог за ќофтиња од ориз и спанаќ.
За оние кои постат или се вегани, таа вели дека може да се направат и во таква варијанта. Бешамел сосот наместо со путер и млеко, направете го со вода и масло. Едноставно е, нели?

Состојки:
- 200 грама спанаќ
- 1 помала главица кромид
- 200 грама ориз
- сол по вкус
- лебни трошки по потреба.
За бешамел:
- 50 грама путер
- 2 лажици брашно
- 300 мл млеко
- сол
- црн пипер
- морско оревче по вкус.
Подготовка:
- Во тенџере на оган на умерена температура ставете малку масло да се загрее. Во маслото ставете го ситно сечканиот кромид и кратко пропржете го.
- Во тенџерето додајте ориз и вода. Посолете и оставете го оризот да се вари за време од 20 минути додека омекне. Варениот ориз исцедете го.
- Во меѓувреме пригответе го бешамел сосот. Во мало тенџере на оган ставете го путерот да се растопи. Потоа додајте го брашното и кратко пропржете го. Додајте го млекото и мешајте додека сосот згусне.
- Посолете и зачинете со мелен црн пипер и мелено морско оревче.
- Спанаќот исечете го на ленти и измешајте го со варениот ориз и бешамел сосот. Доколку е потребно додајте лебни трошки за да може да се поврзи смесата.
- Формирајте ќофтиња и валкајте ги во лебни трошки.
- Ќофтињата пржете ги во тава со поголема количина на загреано масло од двете страни додека поруменат.
- Пржените ќофтиња извадете ги врз хартиена салфетка за да се впие вишокот на масло.
- Послужете ги со тартар сос или друг сос по желба. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Посни ќофтиња од компири и ориз.