Време е за уште еден испробан рецепт! Ако сте обожаватели на вкусна храна која е лесна за стомакот, почнете да се радувате и не застанувајте туку продолжете со читање на нашиот најнов рецепт за вегетаријански ќофтиња со спанаќ и сирење!
Потребно ви е малку време и желба за да ги имате на трпезата. Постапката за нивна подготовка не е сложена, а уживањето во светот на вкусовите е гарантирано. Еве како да ги направите.

Состојки:
- 500 г спанаќ
- 1/2 чаша ориз
- 1/2 чаша киноа
- 1 лажица мешан зачин за време на варењето
- 1/2 лажиче куркума за време на варењето
- 200 г бело сирење
- 2 јајца
- 2-3 чешниња лук
- мелен црн пипер по вкус
- сол по потреба
- мешан зачин за зачинување по вкус
- куркума за зачинување по вкус
- 250 г лебни трошки
- масло за пржење по потреба.
*Чашата за мерка треба да биде од 150 мл.
Подготовка:
- Спанаќот убаво измијте го, исцедете го и ситно исечкајте го.
- Во поголема количина на вода, во која претходно сте додале малку мешан зачин и куркума, сварете ги оризот и киноата. Ако имате искуство, може да ги варите во еден сад, а доколку досега не сте ги користеле, препорачуваме постапката да ја направите во одделни садови за секоја од состојките.
- Сварените ориз и киноа, исцедете ги и оставете ги да се изладат.
- Во поголем сад ставете ги претходно припремениот спанаќ, оризот и киноата.
- Додајте ги јајцата и сирењето, претходно издробено.
- Лукот ситно исечкајте го и исто така додајте го во смесата.
- Зачинете со мешан зачин, куркума, мелен црн пипер и сол по вкус.
- Смесата убаво измешајте ја, а може да се измеси и со рака. Потоа, оставете ја 20-30 минути во фрижидер.
- Смесата ќе биде леплива, па препорачуваме од неа да направите поголеми ќофтиња кои ќе ги обликувате со помош на лебните трошки.
- Готовите вегетаријански ќофтиња со спанаќ и сирење се пржат во добро загреано масло за време од неколку минути. Декорирајте со мали ливчиња спанаќ или босилек и на здравје!
Препораки плус: Додека се испржи долната страна и ќофтињата лесно можат да се подместат, не ги превртувајте. По желба како прилог може да сервирате павлака и салата за прилог.
Ви препорачуваме да прочитате: Посни ќофтиња од грав.