Јагодите се богати со витамин Ц и антиоксиданси, а нивниот вкус и изглед ги прават омилено овошје на многумина. Луѓето ги консумираат за зајакнување на крвта, како и за превенција од срцеви заболувања и анемија.
Да ја искористиме сезоната на јагоди и да ги направиме најубавите рецепти за слатко, мармалад, сок или компот. Овој пат ви предлагаме да направите домашен компот од јагоди, кој е 100% природен и не содржи конзерванси, а сигурно ќе ве освежи вас и вашите најмлади членови во семејството. Ние го направивме компотот од јагоди без шеќер, а ако сте љубител на поблаги компоти, може да додадете ванилин шеќер за збогатување на вкусот или шеќер по желба.

Состојки:
- Јагоди
- Шеќер по желба
- Вода
Подготовка:
- Јагодите добро измијте ги. Во секоја тегла, ставете јагоди малку повеќе од половина од висината и по желба додајте 3 до 4 лажици шеќер.
- Во теглите со јагоди дополнете вода, но оставете 1 до 2 см од врвот на теглата.
- Вака подготвените тегли свиткајте ги со хартија и наредете ги во шерпа или големо тенџере. Во шерпата ставете вода за да ги покрие теглите и приклучете го шпоретот на средна температура.
- Откако водата во тенџерето ќе зовре, варете уште 10 минути на тивок оган. Потоа исклучете го шпоретот и оставете ги теглите во шерпата да се изладат преку ноќ.
- Наредниот ден, теглите извадете ги од шерпата, отстранете ја хартијата и складирајте ги со преостаната зимницата. По желба домашниот компот од јагоди може да го изблендирате со што ќе добиете вкусен сок. На здравје!