Времето затоплува, а сезоната на јагоди и е во полн ек. И токму во овој период, ние уживаме во освежителните сладоледи од овошје, кои доколку дома се направени, нудат вкусно задоволство и дружење. А што има поосвежително од сладолед од јагоди?
Испробан и брз рецепт за сладолед од јагоди, ни предложи нашата пријателка Лана од блогот Kuhinjica Mignone. За да го направите потребни ви се само 4 состојки и 10 минути од вашето време, па не двоумете се веднаш да го испробате рецептот и да ни кажете како ви се допаднал.

Состојки:
- 200 грама јагоди
- 200 грама кисело млеко
- 150 – 200 грама шеќер
- 200 мл слатка павлака.
Подготовка:
- Јагодите измијте ги и исчистете ги. Потоа ставете ги во блендер и миксирајте ги за да добиете пире. Доколку немате блендер, јагодите испасирајте ги со виљушка.
- Во блендерот постепено додавајте шеќер по вкус. Потоа, додајте го киселото млеко и добро измешајте.
- Во сад за матење ставете ја слатката павлака и изматете ја во цврст шлаг за време од 3 до 5 минути. Во садот со слатката павлака додајте го пирето од јагоди и измешајте со лажица.
- Смесата за сладолед ставете ја во пластичен сад, поклопете ја со капак и ставете ја во замрзнувач за време од неколку часа. Од замрзнатиот сладолед од јагоди, со помош на лажица за сладолед формирајте топки и послужете веднаш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Домашен сладолед од ванила.