Да уживаме во сезонските овошки и да си направиме вкусен сок од боровинки! Боровинките изобилуваат со здравствени придобивки, а сокот од нив е исклучително корисен за целото семејство.
Ужината од свежи боровинки може да ви помогне вашиот мозок да работи подобро, како и да размислувате брзо и креативно. А една студија покажала дека боровинките го забавуваат ефектот на „стареење“ на меморијата. И не само тоа! Прочитајте ги 11-те здравствени причини да консумирате боровинки, кои ќе ве поттикнат да го направите овој сок.
Состојки:
- 1 кг боровинки
- 2-2,5 л вода
- 200 гр шеќер (по желба може да користите кафеав шеќер).
Подготовка:
- Боровинките се мијат и се чистат. Во садот со чистите боровинки се додава малку вода и се пасираат. Исто така може да се искористи и блендер за нивно миксирање.
- Сокот од боровинки и шеќерот се ставаат во големо тенџере на оган на умерено висока температура. Додека зоврие сокот повремено се меша за да се растопи шеќерот.
- Откако ќе зоврие, сокот се остава да врие околу 20-30 минути.
- Потоа, топлиот сок се собира во топли шишиња. Шишињата се затвораат со тапи. Откако сокот ќе се излади, шишињата се складираат на темно и ладно место.
- Уживање за преку целата година!
Ви предлагаме да прочитате: Освежително смуди од боровинки и јогурт.