Домашен чиабата леб

За превкусниот чиабата леб карактеристични се големи шуплини кои му даваат препознатливост од останатите лебови. Кога ќе го пресечете ќе ве пречека една интересна тексура со шуплини, па одличен е за макање, како и за мачкање. Често е употребуван во разни сендвичи и во разновидни слатки и солени комбинации на храна.

Чиабата лебот потекнува од Италија, од малото гратче Адриа кое се наоѓа блиску до Венеција. За прв пат го направил Арналдо Кавалари, во 1982 година, а добрата вест е што сега ќе може да уживате во домашно направен чиабата леб и секако ќе имате можност да ги почестите домашните и пријателите со познат италијански вкус од светот, а приготвен на домашен начин!

Домашен чиабата леб

Состојки:

  • 1 1/2 шолја вода (350 мл вода)
  • 1 1/2 лажиче сол (околу 9 грама)
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажиче маслиново масло
  • 3 1/4 шолји брашно (околу 525 грама)
  • 2 1/2 лажички сув квасец.

Подготовка:

  1. Измешајте ги водата и квасецот во сад и оставете да се згусти.
  2. Измешајте ги солта и брашното во одделен сад.
  3. Додајте ја смесата со квасецот и маслото во садот со брашното и добро измесете го (или доколку користите миксер за тесто доволни се 5 минути).
  4. Тестото ќе биде многу влажно, но воздржете се од додавање на дополнителна количина брашно.
  5. Ставете го тестото во добро намрсен сад и покријте го со најлонска фолија. Оставете го да стои така околу 1,5-2 часа, односно додека не постигне двојна големина.
  6. Откако поминало тоа време, бидејќи тестото ќе биде доста влажно, набрашнете ја работната површина, ставете го тестото врз неа и сечете го на два дела. Бидете нежни со тестото, за да се зачува воздухот во него.
  7. Секое од парчињата поставете го на хартија за печење и нежно протегнете го во правоаголна форма.
  8. Со помош на прстите направете мали вдлабнатини, тоа овозможува подобро формирање на големите шуплини во вкусниот леб.
  9. Покријте ги лепчињата со влажна кујнска крпа и оставете ги да да нараснат околу 45 минути.
  10. Загрејте ја рерната на 220 степени и ставете го лебот да се печи околу 25-30 минути, додека не добие убава златна боја.

Од чиабата леб можете да го направите сендвич, за што се препорачува да е прво изладен или да го јадете топол, во секој случај сигурно ќе уживате во вкусот. На здравје!

Сподели: