Здрава супа од моркови за сите генерации! Хранете се здраво и искористете ги хранливите состојки кои ни ги нудат морковите. Овој пат во нашата кујна приготвивме вкусен рецепт за крем супа од моркови и компири, збогатена со куркума и магдонос. Направете ја и уживајте во нејзиниот кремаст вкус заедно се семејството и пријателите.
Оваа крем супа од моркови и компири е вегетаријанска, не содржи глутен (не ја сервирајте со парчиња леб), богата е со растителни влакна, а за време на пости ви предлагаме да не ја сервирате со павлака.

Состојки:
- 4 ½ чаши рендани моркови
- ½ главица кромид
- 1 поголем компир
- 3 лажици мешан сушен зеленчук за супа
- ½ мала лажичка куркума
- сол по вкус
- црн пипер
- магдонос за наросување
- 2 лажици масло
- павлака и парчиња печен леб по желба.
Подготовка:
- Кромидот ситно исечкајте го.
- Морковите излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето.
- Компирите исто така излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето.
- Во тенџере на оган, на средна температура ставете 2 лажици масло да се згреат. Во загреаното масло додајте го сечканиот кромид и пропржете го за време од 5 минути.
- Штом кромидот ќе омекне и ќе добие златно – кафеава боја, во тенџерето додајте ги ренданите моркови и компирите. Зеленчукот пропржете го за време од 2 до 3 минути. Потоа, во тенџерето додајте 8 чаши вода, мешаниот зеленчук за супа и куркумата. Супата варете ја за време од 20 до 30 минути, додека морковите омекнат.
- Потоа, тенџерето тргнете го од оган и оставете супата да се излади за време од 20 до 30 минути. Изладената супа ставете ја во блендер и миксирајте ја.
- Крем супата ставете ја повторно во тенџерето и посолете ја со сол и црн пипер. Ставете ја на оган за време од 5 минути, кратко да проврие.
- Топлата крем супа од моркови, сервирајте ја, наросете ја со ситно сечкан магдонос и додајте парчиња печен леб и павлака по желба. На здравје!