За сокот од зелка е познато дека е природен лек за желудникот, а помага и за слабеење. Затоа во последно време често се препорачува во режимите на исхрана. Свежиот сок е секогаш подобар од соковите во амбалажа. Пиењето на свеж сок од зелка, како и од другиот зеленчук и овошје е добар начин за да се внесе брза доза на витамини во организмот. Затоа ви предлагаме едноставен рецепт за сок од зелка.
Соковникот е одличен кујнски алат кој секој треба да го има на располагање. Поголем дел од соковниците имаат отвор за поставување на зеленчукот или овошјето. Пред да ја ставите зелката во соковникот, исечкајте ја. Потоа земете парче ставете го во отворот и притискајте го со капакот додека сокот тече. Извадете ги искористените парчиња зелка и повторете ја постапката додека ја добиете потребната количина на сок. За да го подобрите вкусот на сокот, ви предлагаме да го комбинирате со друго овошје и зеленчук.

Со кои зеленчуци и овошја може да се збогати вкусот на сокот од зелка
За да добиете вкусен и здрав пијалок, ви предлагаме неколку комбинации од кои може да добиете сок од зелка.
- зелка, ѓумбир, морков
- зелка, целер, прокељ
- зелка, морков, јаболко
- зелка, банана, киви
- зелка, прокељ, спанаќ
- црвена зелка, кељ, ѓумбир
- црвена зелка, морков, портокал
- црвена зелка, целер, цвекло
- црвена зелка, целер, јаболко
Комбинацијата на свежи сокови од зеленчук и овошје е добар извор на фруктоза, односно овошен шеќер. Фруктозата го неутрализира горчливиот вкус на зелката и другиот зеленчук. Многу луѓе уживаат во конумацијата на свеж сок од зелка или некоја од наведените комбинации за појадок. А по желба може да додадете зачини за да го зајакнете вкусот.
Лесен рецепт за сок од зелка
Ако се прашувате како се прави сок од зелка и дали тоа мора да биде нешто комплицирано, сега ќе ви претставиме еден до наједноставните, а вкусни рецепти за правење на овој здрав сок.
Состојки:
- ¼ или ½ главица зелка
- 2 моркови
- ¼ чаша вода.
Подготовка:
Зелката и морковите добро измијте ги. Исечкајте ги на мали парчиња и ставете ги во соковник, а потоа додајте ја водата. Свежиот сок од зелка испијте го веднаш.
Ви предлагаме да прочитате: Сок од зелка – природен лек за здрав желудник.