Здрава проја со моркови и ленено семе – без глутен

Специјално за сите обожаватели на здрави оброци, припремивме за вас уште еден рецепт за вкусна проја со моркови и ленено семе. Слично како и претходно објавените рецепти за здрава проја со блитва и здрава проја со семиња  не содржи глутен, и погодна е за сите кои внимаваат на телесната тежина да биде во рамките на нормала.

На кратко само ќе споменеме неколку збора за глутенот, бидејќи има луѓе за кои навистина е важен и се соочуваат со здравствени потешкотии поврзани со неговото влијание. Глутенот е протеин кој се среќава во група житни растенија, како што се пченица, ‘рж, јачмен, а неговата улога е да и помогне на храната да ја задржи својата форма, заради што често се опишува како леплива растеглива материја. Сензитивноста на глутен е дефинирана како повлекување на симптомите по елиминирање на храната која го содржи глутенот, а повеќе за симптомите може да дознаете тука.

Оваа здрава проја со моркови и ленено семе можете да ја јадете за појадок, да ја понесете за ужинка на работа или да ги почестите пријателите со малку поздраво мезе, затоа што одлично се вклопува со разни намази, павлака, јогурт, маслинки. Во продолжение разгледајте неколку домашни намази и сосови по наш предлог: зазики сос, тартар сос, домашен намаз од крем сирење, здрав намаз од маслинки итн.

Здрава проја со моркови и ленено семе - без глутен

Состојки:

  • јајца
  • 2 моркови
  • 1 поголем лист блитва
  • 200 мл млака вода
  • 150-200 гр рендано сирење
  • 50 гр ленено семе во зрно
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 320 гр пченкарно брашно.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата. Изматете ги со миксер додека се згуснат.
  2. Морковите измијте ги, излупете ги и изрендајте ги, а листот блитва исто така измијте го и ситно исечкајте го. Додајте ги во садот со матените јајца и измешајте.
  3. Во садот додајте ги и млаката вода, сирењето, лененото семе, пченкарното брашно и прашокот за печиво, а потоа со помош на лажица убаво измешајте.
  4. Смесата ставете ја во тава (бр.26 или бр.28) обложена со хартија за печење и убаво израмнете ја по површината. Тавата ставете ја во загреана рерна на 180-190 степени и печете за време од 20-25 минути. Печената проја со моркови оставете ја да се излади, а потоа исечете ја на парчиња и послужете ја.

На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Здрава проја со семиња – без глутен.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: