По повод зачувување на здравјето на срцето и крвните садови, како што знаете, неодамна се одржа настанот „Здрави навики, за здрав срцев ритам“, а истиот беше најавен и на некои национални телевизиски медиуми. За време на гостувањето во утринската емисија подготвивме два лесни и брзи рецепти за здрава салата со просо и бомбици.
Салатата е одлична и како оброк, па ако сакате да ја јадете како вечера или да ја понесете со себе на работа, нема да згрешите. Просото е посебно богато со растителни влакна и протеини, а не содржи глутен. Лесно се подготвува и нема потреба од претходно потопување во вода. Спанаќот е богат е со витамин Е, Ц и бета каротен кои се сојузници во борбата против атеросклероза. Најдобро е да се јаде обарен или свеж во салати. Бадемите се богати со витамин Е, кој е важен за добар тонус и изглед на кожата. Најдобро е да ги јадете непечени, затоа што се полни со флавоноиди – материи важни за заштита на здравјето на срцето. Тие се одличен извор на моно незаситени киселини.

Доколку ве интересира десертот кој го подготвивме за зачувување на здравјето на срцето, рецептот за здрави бомбици со темно чоколадо и овесни снегулки го имате на линков.
Состојки:
- 1 чаша просо
- 1 помала главица кромид
- 1 чешне лук
- 200-250 грама спанаќ
- маслиново масло по потреба
- сол и црн пипер по вкус
- ½ лажичка ким
- куркума по вкус
- чили по вкус
- 3 лажици сечкани бадеми.
Подготовка:
- Во тенџере ставете 3 чаши вода да се вари, затоа што толку е потребно за да се свари предвидената количина на просо.
- Во меѓувреме исчистете ги кромидот и лукот, ситно исечкајте ги, па ставете ги да се запжат во малку маслиново масло.
- Спанаќот измијте го и исечкајте го.
- Во тавата со кромидот и лукот, додајте половина од свареното и исцедено просо, па заедно малку пропржете ги.
- По неколку минути додајте го и сечканиот спанаќ и оставете кратко да стои на оган.
- На крај, додајте го остатокот од просото и зачинете со куркума, чили, ким, сол и црн пипер по вкус.
- Бадемите малку исечкајте ги и со нив завршете ја декорацијата на здравата салата, па послужете. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Здрава салата со кинеска зелка, семиња и урда.