Дегустирајте уште еден специјалитет од интернационалната кујна! Пригответе сочни котлети на киевски начин. Рецептот го подготви Анжелика, наша пријателка и членка во групата на Сѐ за храна. Изгледа преубаво и се чини дека е многу вкусно, па затоа решивме да го споделиме со вас.
Се подготвува на едноставен начин, со пилешки стек во кој се завиткува парче путер со копар. Одличен предлог за ручек или вечера, особено ако го надополнувате со гарнир и свежа салата. Сигурни сме дека ќе се заљубите во овие котлети на киевски начин поради сочноста и уникатниот вкус.
Состојки:
- 400 г пилешки стек
- 150 г путер
- 2 јајца
- 200 г брашно
- 200 г лебни трошки (презла)
- ситно сечкан копар
- масло
- сол и црн пипер по вкус.
За декорација:
- свеж магдонос.
Подготовка:
- Путерот исечете го на подебели ленти. Лентите путер извалкајте ги во ситно сечкан копар и ставете ги во замрзнувач. Додека го спремате месото, путерот ке замрзне.
- Пилешкиот стек исечете го на парчиња, во големина на дланката. Со помош на кујнски чекан исчукајте ги парчињата стек. Потоа, од двете страни на месото ставете сол и црн пипер по вкус.
- Врз секое парче месо ставете парче путер и завиткајте го како ролат.
- Брашното и лебните трошки ставете ги во два посебни садови. Во друг сад изматете ги јајцата со помош на виљушка.
- Завитканите котлети извалкајте ги прво во брашното, па во јајцата и на крајот во лебните трошки.
- Вака подготвените котлети ставете ги во тава за пржење со поголема количина на масло.
- Откако котлетите ќе се испржат и ќе добијат убава румена боја извадете ги од тавата и послужете ги. Кога ќе ги пресечете, путерот ќе биде течен.
- Декорирајте ги со свеж магдонос и сервирајте ги со варени компири и свежа салата по избор. На здравје!
Автор на рецептот: Анжелика Димовска (Anzelikagotvi).
Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко во сос од пиво.