Домашните ликери ни се омилени и многу се радуваме кога дегустираме нови вкусови. Па, во оваа прилика ви претставуваме интересен ликер од кафе и рум.
Можете да го послужите со коцки мраз, да го додавате во коктели или пак во десерти. Состојките за подготовка се едноставни и вреди да одвоите малку време и да го направите. Штом ликерот е готов, не заборавајте да ги поканите пријателите на дегустација и дружење.

Состојки:
- 70 грама (¾ чаша) свежо мелено кафе
- 2 ¼ чаша вода
- ½ чаша кафеав шеќер
- 1 чаша рум
- 1 лажичка екстракт од ванила или стапче од ванила.
Подготовка:
- Во мал сад ставете го кафето и додајте 1 ¾ чаша вода. Измешајте ги состојките, а потоа садот покријте го со најлонска фолија и оставете го на собна температура за време од 12 до 24 часа.
- Врз поголема цедилка ставете филтер за кафе. Врз подлабок сад, во цедилката постепено додавајте ја течноста од садот со кафето и водата. Талогот од кафето ставете го во чинија.
- Во мало тенџере или ѓезве на оган ставете ½ чаша вода и додајте го шеќерот. Температурата вклучете ја силно и мешате додека шеќерот се растопи. Садот тргнете го од огнот и оставете течноста да се излади на собна температура за време од 30 минути.
- Во садот со процеденото кафе додајте го изладениот шеќерен сируп, екстрактот од ванила и румот. Доколку користите стапче од ванила, со помош на нож извадете ги семките и ставете ги во садот со ликерот. Измешајте и ставете го ликерот во стаклено шише. Затворете го и чувајте го на собна температура, на темно место за време од 2 недели, а притоа протресувајте го шишето еднаш неделно.
- Потоа, ликерот чувајте го во ладилник. Готовиот ликер од кафе и рум послужете го со коцки мраз. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Чоколаден ликер со рум.