Лиснати коктел ролнички со колбаси 1

Лиснати коктел ролнички со колбаси

Доколку имате потреба за брзи и лесни за подготовка лиснати коктел ролнички ние го имаме совршениот рецепт за вас! Интересни и вкусни, имаат привлечен и симпатичен изглед, па со сигурност ќе ги красат вашите празнични трпези и коктел свечености.

Овој рецепт го пронајдовме на блогот на нашата соработничка Лана и бидејќи многу ни се допадна, решивме да го споделиме со вас. Потребни ви се само неколку свежи колбаси и готово лиснато тесто и за половина час, колку што им е потребно на истите да се испечат, ќе имате полна чинија вкусни лиснати ролнички. Совршени се како мезе за со пиво во вечерните саботни дружби со вашите пријатели, а може да ги понесете и на пикник.

Лиснати коктел ролнички со колбаси 2

Состојки:

  • 500 г лиснато тесто
  • 300 г свежи колбаси
  • 1 јајце
  • 2 -3 лажици лебни трошки
  • сечкан магдонос по потреба
  • црн пипер по вкус.

За премачкување:

  • 1 јајце
  • сусам или ким за поросување.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го филот за полнење на ролничките. Пресечете ги колбасите по должина и извадете го полнежот од истите. Во месото од колбасите додајте 1 јајце, малку црн пипер, сечкан магдонос и 2-3 лажички лебни трошки за да се поврзи смесата.
  2. Од месната смеса обликувајте 4 долгнавести ленти во облик на колбас со должина на лиснатото тесто и поросете ги со лебни трошки.
  3. Потоа лиснатото тесто развлечете го во форма на правоаголник и поделете го на 4 дела.
  4. По должината на едната страна расподелете го филот од свежи колбаси, а на другата страна тестото премачкајте го со разматено јајце за подоцна подобро да се залепи ролничката.
  5. Потоа од тестото формирајте ролат и со остар нож исечете ги ролничките со должина од околу 4 см.
  6. Секоја ролничка засечете ја уште на неколку места со остар нож.
  7. На истиот начин направете ги и преостанатите ролати од лиснато тесто.
  8. Готовите ролнички ставете ги во плех за печење, премачкајте ги со изматено јајце и по желба поросете ги си сусам или ким. Печете ги во претходно загреана рерна на 220 степени, околу 30 минути. Послужете ги додека се топли. На здравје!

Напомена: По желба ролничките може да ги полните со мелено месо и пармезан или со фил од печурки.

Ви препорачуваме да прочитате: Посни коктел кифлички од лиснато тесто.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: