Млекото од ориз претставува здрава и хранлива алтернатива на кравјото млеко. Предноста на домашното оризово млеко е неговиот нутритивен состав. За разлика од кравјото млеко, не содржи холестерол и заситени масти, не содржи лактоза ниту глутен.
Затоа се препорачува за лица кои имаат проблем со интолеранција на лактоза, за вегетаријанци кои не консумираат производи од животинско потекло, за лица кои практикуваат нискокалорични диети, но и за оние кои постат.
Тоа е вкусен и здрав напиток за секој член од вашето семејство. Децата го сакаат поради лесно прифатливиот оризов вкус, а возрасните поради богатата содржина на хранливи состојки. Оризовите протеини се високо нутритивни, со одличен амино киселински состав и се лесно сварливи. Оризовото млеко не содржи глутен – алерген присутен во многу житарки. Токму затоа оризовото млеко се препорачува за лица кои страдаат од целиакија. Оброците подготвени од оризово млеко се најдобар избор посебно во случај на дијареја (пролив).
Има навистина одличен вкус и може да се користи како за пиење, така и при подготовката на голем број на слатки, торти, пудинзи и бисквити. Оризовото млеко е одлична замена за обичното кравјо млеко во деновите на пост.

Рецепт за домашно млеко од ориз
Млекото од ориз во маркетите се продава по висока цена, а сега ќе може дома да го направите лесно и да заштедите пари.
Состојки:
- 50 грама ориз (интегрален или бел)
- 1 литар вода
- прстофат сол.
Подготовка:
- Оризот измијте го и ставате го во мал сад. Додајте малку вода и оставете го за време од 6 часа. Доколку користите бел ориз, оваа постапка може да ја прескокните.
- Потоа, исцедете го и ставете го во тенџере на оган. Додајте вода и прстофат сол. Оставете да се вари, додека оризот целосно омекне.
- Варениот ориз ставете го во блендер и додајте 4 чаши вода. Миксирајте го за време од 3 минути.
- Оризовото млеко процедете го еднаш или два пати. Чувајте го во стаклен сад во фрижидер. Искористете го во рок од 3 дена.
Совет плус: За да го збогатите вкусот на оризовото млеко, по желба може да додадете мед, шеќер, цимет или ванила. Остатокот од млекото (откако ќе го процедите) не го фрлајте туку употребете го како маска за лице. Одлично ја затега кожата, ги затвара порите, има лифтинг ефект, а со редовна употреба ги избелува темните дамки на кожата. Маската се нанесува на претходно убаво исчистено лице и се остава да делува околу 10-15 минути.
Ви предлагаме да прочитате: Од кокосово брашно направете кокосово млеко.