Многу популарниот путер од кикиритки кој секојдневно се користи Америка, Велика Британија, Холандија, сега може да го направите дома. Тој има многу хранливи материи и припаѓа во групата на здрава исхрана. Најчесто се користи за сендвичи или може да го намачкате на парче леб, а понекогаш се комбинира со мармалад, чоколадо, зеленчук или сирење.
Кикиритките најверојатно потекнуваат од Бразил или Перу. Во 18 век биле нарекувани „земјени ореви“, а се сметале како одлична храна за свињите. Комерцијално започнале да се одгледуваат околу 1800 година и се користеле за масло, храна и како замена за какао. Денес кикиритките се употребуваат на повеќе од 300 начини, меѓу кои и како путер, за подготовка на разни грицки, полир-паста за чевли, крем за бричење итн.
Путерот од кикирики е особено добар извор на витамин Е и ниацин, како и протеини и одредени минерали, а истражувањата покажале дека луѓето кои јадат кикиритки имаат многу помал ризик од срцеви заболувања. Кикиритките имаат повеќе протеини во споредба со останатите мешункасти плодови, што е многу важно за децата и вегетаријанците. Богати се со антиоксиданси, бакар, магнезиум, фосфор, калиум, цинк и витамин Е. Поголемиот дел од маснотиите кои ги содржи путерот од кикирики се незаситени масти и се здрави за срцето.
Рецептот за домашен путер од кикиритки е следниот:
Состојки:
- 1 ½ чаша печени несолени кикиритки
- 1 ½ лажица масло
Подготовка:
- Кикиритките и маслото ставете ги во блендер и миксирајте ги добро.
- Добиениот путер турете го во сад, а потоа ставете го во фрижидер за време од еден час.