За љубителите на полесна храна, кремасти сосови и вкусни јадења со ориз! Топлите денови веќе започнаа, па ретко кој сака да поминува по два до три часа во кујната за подготовка на јадења. Времето е убаво и треба да го користиме за прошетки во природа, но не треба да заборавиме на домашно приготвената храна, која многу е поздрава од брзата или храната која со месеци седи на полиците во маркетите. Токму за овој период ви претставуваме летен специјалитет од ориз со кремаст, млечен сос од печурки и вино.
За да го направите ова јадење, потребни ви се околу 30 минути, а сигурно ќе бидете изненадени од фантастичниот вкус. Вака приготвен, оризот со сос од печурки е вегетаријански и не содржи глутен.

Состојки:
- 1 чаша ориз
- 15 грама путер
- 1 лажица масло
- 250 грама свежи печурки
- 175 мл бело вино
- 1 лажица сенф
- сол по вкус
- 200 мл млечна павлака за готвење.
Подготовка:
- Оризот исчистете го, измијте го и ставете го во тенџере со 2 чаши врела вода да се вари за време од 8 до 10 минути. Штом оризот ќе се свари, тенџерето тргнете го од огнот и оставете го оризот да се излади. Постапката за најдобро варење на ориз по рецепт од Џејми Оливер прочитајте ја тука.
- Во меѓувреме, припремете го сосот од печурки. Печурките исечете ги на ленти со дебелина од 3-5 мм.
- Во нелеплива тава на оган, на средна температура ставете го путерот да се растопи. Штом путерот се растопи во тавата додајте го маслото. Потоа додајте ги печурките. Пропржете ги печурките со повремено мешање.
- Штом печурките омекнат во тавата додајте го белото вино и измешајте. Оставете ги печурките да се динстаат додека количината на течноста во тавата се намали на половина. Потоа, во тавата додајте го сенфот и посолете по вкус. Измешајте ги состојките и додајте ја млечната павлака. Температурата намалете ја и оставете ги печурките да поварат со сосот за време од 2 до 3 минути.
- Во чинија за сервирање ставете го варениот ориз и додајте од сосот со печурки. Наросете сечкан магдонос и послужете додека јадењето е топло. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Пилешко месо во сос од печурки и вино.