печени палачинки

Печени палачинки со фил од спанаќ и урда

Ова е рецепт кој вреди да го пробате уште денес! Штом станува збор за специјалитети, Невена секогаш има вкусен предлог. Овој пат таа ни предлага одличен рецепт за печени палачинки со фил од спанаќ и урда.

За да ги направите потребни ви се само неколку состојки кои сигурно ги имате во вашата кујна, а резултатот ќе биде уживање за целото семејство.

печени палачинки

Состојки:

  • 500 гр брашно
  • 200 мл млеко
  • 750-800 мл вода
  • 10 лажици масло
  • 1 ½ лажиче сол.

Фил:

  • 500 гр спанаќ (измерен пред чистење)
  • 350 гр урда
  • 2 мали јајца
  • сол по вкус.

Прелив:

  • 200 гр кисела павлака
  • 2 јајца
  • 1 мало филџанче млеко.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе ги палачинките. Во сад ставете ги брашното и солта, додајте ја водата и маслото, па изматете ги добро со жица или миксер за да се добие хомогена смеса без грутчиња.
  2. Од смесата испечете палачинки. (Од содржината на рецептот се добиваат околу 14 палачинки, зависно од дебелината и големината на тавата во која ќе ги печете). Печените палачинки оставете ги да се изладат, а во меѓувреме припремете го филот.
  3. Спанаќот исчистете го и обарете го за време од 3-4 минути во зовриена и посолена вода, а потоа исцедете го и исечкајте го. Во садот со спанаќот, додајте ја урдата, јајцата, посолете по вкус и убаво измешајте за да се изедначат состојките.
  4. Секоја палачинка намачкајте ја со 2 лажици од филот и завиткајте во ролат. Вака формираните палачинки, наредете ги во два реда, во мала тава премачкана со путер. Попрскајте ги со масло и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени, за време од 25 минути.
  5. Во меѓувреме подгответе го преливот. Со жица разматете ги јајцата со млекото, додајте ја павлаката и мешајте додека убаво се изедначат.
  6. Тавата извадете ја од рерната, палачинките прелијте ги со преливот од јајца и млеко, а потоа вратете ги да се допечат уште 10 – 15 минути. Готовите, печени палачинки со фил од спанаќ и урда извадете ги од рерната, покријте ги со кујнска крпа и оставете ги да изладат. По желба, послужете ги со јогурт и салата.

Совет: Внимавајте да нема празни места помеѓу палачинките, ниту по страните на тавата, за да не тече преливот, туку да остане над палачинките.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Пирошки од палачинки со фил од мелено месо и кашкавал.

Сподели: