За сите гурмани со префинет вкус, но и за останатите! Ако досега палентата ја јадевте приготвена на класичен начин, време е да го пробате овој нов рецепт. Направете печени стапчиња од палента, послужете ги со сирење и сос од рукола.
Звучи вкусно, зарем не? Рецептот е испробан во кујната на Диана.

Состојки:
- 1 чаша бујон од зеленчук
- 1 чаша млеко
- ½ чаша палента
- 1 лажица путер
- 3 лажици рендан пармезан
- 3 лажици рендан чедар (во замена може да се користи кашкавал)
- 1 мала лажичка мајчина душица
- ¼ мала лажичка куркума
- сол и црн пипер по вкус
- ½ чаша лебни трошки за панирање.
За сос од рукола:
- 1 ½ чаша рукола
- ¼ чаша зелени маслинки
- ¼ чаша магдонос
- 1 лажица свежо цеден сок од лимон
- 2 лажици масло
- сол и црн пипер по вкус.
За гарнирање:
- сирење фета или друго по желба.
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете ги млекото и бујонот од зеленчук.
- Штом зовријат во тенџерето додајте ги палентата и мајчината душица. Мешајте со жица за матење додека палентата се згусни. Потоа додајте ги путерот, пармезанот, чедарот, сол и црн пипер по вкус.
- Тавата со димензии 20*15 см, обложете ја со најлонска фолија. Во неа додајте ја сварената палента. Оставете ја во ладилник да се стегне околу еден час, а може и преку ноќ.
- Потоа, исечете ја на парчиња. Парчињата валкајте ги во лебни трошки, а потоа наредете ги во тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреена рерна на 250 степени за време од 15 минути, додека добијат златеста боја. По желба може и да ги испржите.
- Во меѓувреме пригответе го сосот од рукола. Руколата, магдоносот и маслините исечкајте ги на парчиња по желба. Исто така може и да ги истолчите. На крај зачинете ги со масло, сок од лимон, сол и црн пипер по вкус.
- Печените стапчиња од палента ставете ги во чинија за сервирање. Сервирајте ги со тенки листови од ротквица, сос од рукола и парче сирење. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Зачинети печени стапчиња од палента.