Последните трендови за здравата храна налагаат потреба од нови, креативни рецепти со цел да ја направат поприфатлива за сите. Знаеме дека навиките тешко може да се променат, но затоа сме тука да предлагаме интересни и многу вкусни рецепти, кои воедно се поздрави во споредба со некои традиционални јадења. Овој пат ви го претставуваме рецептот за печени ќофтиња од киноа, тиквички и сирење.
Овие вкусни ќофтенца ни доаѓаат од кујната на Диана, која рецептот го сподели на нејзиниот блог Trydiani.

Состојки:
- 1 чаша варена киноа
- 1 чаша рендани тиквички (2 помали)
- ½ чаша рендано сирење моцарела (во замена може да се користи кашкавал)
- 1 јајце
- ½ мала лажичка лук во прав
- 1 мала лажичка босилек
- ½ мала лажичка мајчина душица
- ½ мала лажичка оригано
- ¼ чаша лебни трошки
- ¼ мала лажичка сол
- ¼ мала лажичка мелен црн пипер
- ¼ чаша рендан пармезан/чедар по желба
- 1 – 2 лажици лебни трошки и семки за декорација по желба.
Подготовка:
- Во тенџере на оган се става 1/3 чаша сурова киноа (околу 60 грама) и се додава вода (2/3 од чаша). По правило киноата се вари во однос 1:2, за време од 20-тина минути. Ако досега не сте приготвувале киноа или ретко ја правите, добро ќе биде да знаете како се подготвува киноа.
- Рерната се загрева на 180 степени.
- Тиквичките се мијат убаво и се рендаат на крупната страна од рендето. Се посолуваат и се оставаат за време од 10 минути. Потоа се цедат од течноста.
- Во длабок сад се ставаат ренданите тиквички, варената и изладена киноа, ренданата моцарела, јајцето и се додаваат свежи или суви зачини по вкус.
- Потоа, се додаваат лебните трошки за да се добие хомогена смеса. Количината на лебните трошки може да се менува, во зависност од големината и сочноста на тиквичките. Смесата се посолува, се зачинува со мелен црн пипер и лук во прав. Се меша и се остава во ладилник за време од 20-тина минути да се стегни и да се соединат вкусови.
- Со лажица за сладолед се зема од смесата, малку се пресува и се формираат топчиња. Топчињата се редат во тава обложена со хартија за печење. Се поросуваат со рендан пармезан/чедар и 1 до 2 супени лажици лебни трошки по желба. Се печат за време од 20 до 25 минути.
- Печените ќофтиња од киноа, тиквички и сирење се сервираат со млечен сос, крем, свежа салата, домати или маслинки по желба. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Посни ќофтиња со киноа, компири и коприва.