Рецепт кој не остави без коментар! Традиционален вкус за печено свинско месо со кромид, суви пиперки, моркови и печурки! Овој супер предлог за богат ручек или вечера ни доаѓа од кујната на Клара.
Може да кажеме дека ова јадење се вбројува во најубавите рецепти кои се објавени на Сѐ за храна. Вреди да се направи и проба, а незаборавниот вкус е гарантиран од нас.
Состојки:
- 700 гр свинска удина
- 4 главици кромид
- 2-3 суви пиперки (или 1-2 свежи)
- 2 лажици доматно пире
- 200 гр тиквички
- 2 моркови
- 15 гр сушен вргањ
- 1 грст ситно сецкан магдонос
- 1 рамна лажица мешан сув зачин
- 1 рамно лажиче бабина/к`цана сол
- 2 пати на врв на нож зачин пименто
- ½ лажичка оригано
- сол и црн пипер по вкус
- 1 рамна лажица брашно
- ½ лажица црвен пипер
- 1 чаша суво бело вино
- 2 чаши вода
- 3-4 триаголници топено сирење или кашкавал.
Подготовка:
- Исечкајте го месото на мали коцки. Ставете го во тава со малку масло и 100 мл вода прво да продинста, а откако ќе испари водата малку оставете го да запржи.
- Кромидот исечкајте го ситно.
- Морковите, пиперките и тиквичката исечкајте ги на мали коцки.
- Извадете го од тавата и во неа ставете 50 мл вода, ситно сечканиот кромид и морковите. Пропржете ги додека кромидот стане стаклест, а потоа во тавата додајте ги исечканите пиперки и тиквичката. Откако и тие ќе пропржат, додајте го иситнетот вргањ и магдоносот. По кратко време вмешајте го брашното и црвената пипер, па налејте од водата и виното. Додајте го и доматното пире и зачините. Варете околу 5 минути, а потоа исклучете ја ринглата и оставете додека има топлина да покрчка.
- Со црпалка распоредете од варивото во 3-4 земјени садови и во толку распоредете го месото или пак во едно помало грне сипете ја целата содржина од сосот и месото. Одозгора ставете по едно триаголниче топено сирење или пак, уште поубаво, изрендајте кашкавал.
- Печете во загреана рерна од 200 степени околу половина час. Грнето извадете од рерната, а печеното свинско месо со зеленчук послужете го веднаш. На здравје!
Рецептот го испратил: Клара Бос.
Ви предлагаме да прочитате: Семејна тава со свинско месо.