Празничната атмосфера е идеално време за собирање на целото семејство и прославување на Велигден со највкусните јадења и пијалаци. Традиционално се приготвува печено јагнешко месо, кое го зазема главното место на трпезата за Велигден.
А кога станува збор за подготовка на печено јагнешко месо, сите бараме совет од нашите блиски пријателки кои имаат добар рецепт. А супер рецепт за сочно, печено јагнешко месо со моркови, лук и црвено вино ни предлага Катерина.

Состојки:
- 700 гр јагнешко месо
- 10 чешниња лук
- 2 моркови
- 100 мл црвено вино
- 100 мл топла вода
- по потреба масло, мелен црн пипер, мешан сув зачин, сол.
За премачкување:
- сенф по потреба.
Подготовка:
- Јагнешкото месо исечете го на парчиња или може да користите цела плешка или бут.
- Засечете го на повеќе места во длабочина во вид на мали џебови и во секоја вдлабнатина ставете чешне лук и парче морков.
- Премачкајте го месото со поголема количина сенф, наросете го со мелен црн пипер и мешан сув зачин.
- Вака приготвеното месо ставете го во тава за печење и попрскајте го со масло.
- Додајте ги преостанатите моркови исечени на покрупни парчиња.
- Посолете и додајте ги водата и виното.
- Тавата затворете ја убаво со алуминиумска фолија и ставете ја во загреана рерна на 200 степени.
- Печете 45 минути, а потоа извадете ја фолијата и превртете го месото.
- Продолжете со печење уште 15 минути без фолија. Печеното јагнешко месо послужете го со салата или прилог по желба. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Печено свинско месо во сос од бело вино.