За овој пита омлет, Кате вели: „Овој е малку поинаков омлет- идеален и како училишен оброк. Може да се јаде во комбинација со свеж зеленчук или чаша јогурт.“ Нам ни се допадна многу уште на прв впечаток, па побрзавме да го пробаме. Воодушевени од вкусот, топло препорачуваме и вие да си направите ваков оброк.
Може да ве интересира: Омлет палачинки со сирење.

Состојки:
- 3 јајца
- 50 гр брашно од наут
- 100 мл вода
- 50 мл млеко
- 50 гр рикота (за замена може урда)
- 1 помала тиквичка
- 1 полна лажица рендано (грана) сирење
- 1/2 лажичка сода бикарбона
- по потреба сол, црн пипер, масло.
Подготовка:
- Прво измешајте ги брашното и содата, па додајте ја водата и измешајте убаво за да нема грутки.
- Додајте го млекото и рикотата и повторно измешајте.
- Со постојано матење со жица, додавајте ги јајцата едно по едно.
- Тиквичката изрендајте ја и додајте ја во садот со останатите состојки.
- На крај, додајте го грана сирењето, поросете со малку сол и црн пипер, па измешајте.
- Во нелеплива тава на оган загрејте малку масло.
- Ставете ја изматената смеса и на среден оган, пржете 10-тина минути.
- Потоа со помош на чинија со помал дијаметар од тој на тавата, превртете го омлетот и оставете го да се пржи и од другата страна околу 5 минути.
- Готовиот омлет покријте го со капак и оставете го да постои во тавата уште неколку минути. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Омлет со компири во шпански стил.