Полнети печени компири со кашкавал и сланина

Кој не ги обожава компирите? Може да се приготвуваат на различни начини, како пире, пржени, печени или варени. Ако сте во потрага по брз рецепт за ручек или вечера, имаме да ви предложиме нешто ново. Пробајте ги полнетите печени компири со кашкавал и сланина!

Комбинацијата од павлака, кашкавал и сланина преточена во кремаст сос, сигурно ќе го освои и вашиот вкус. Плус тоа, рецептот нуди можност да експериментирате со различен тип на сирење и зачини, па така може да ја направите вашата омилена комбинација.

полнети печени компири со кашкавал

Состојки:

  • 5 големи компири
  • 150 грама сланина исечкана на тенки ленти
  • 1 чешне лук
  • ¾ чаша (100 г) неутрална павлака за готвење
  • 100 грама рендан кашкавал
  • 1 страк власец или млад кромид
  • сол и мелен црн пипер.

Подготовка:

  1. Компирите добро измијте ги, но не ги лупете.
  2. Во тенџере со вода ставете ги компирите да се варат за време од 20 до 30 минути. Ако компирите се мали, може да ги приготвите на пареа. Компирите треба да бидат варени, но да останат цврсти.
  3. Варените компири исцедете ги и оставете ги да се изладат. Потоа ставете ги во тава за печење.
  4. Отстранете ја кората во горниот дел и со помош на лажица издлабете ги.
  5. Внатрешноста на компирите ставате ја во длабок сад. Со помош на виљушка испасирајте и додајте ги павлаката, сланината, кашкавалот, власецот и ситно сечканото чешне лук. Зачинете со сол и мелен црн пипер.
  6. Со оваа смеса наполнете ги компирите.
  7. Тавата ставате ја да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 15 минути.
  8. Полнетите печени компири со кашкавал и сланина послужете ги додека се топли во комбинација со зелена салата. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Едноставен рецепт за зачинети печени компири.

Сподели: