Барате нова идеја за посно јадење? Вие сте на вистинското место. Убава и посна проја со праз ни испрати Невена.
За да ја направите потребни ви се неколку едноставни состојки кои сигурно ги имате во кујната. За овој рецепт, Невена вели: „Посно, вкусно и ровко солено тортиче, никој не позна дека нема ни јајца ни млеко во составот. Како што гледате на сликата, пројата не е многу висока, па ако сакате повисока можете да користите или поголем филџан или да ја печете во помала тава“.
Па, ајде да ја пробаме!
Големината на филџанот е од 120 мл.

Состојки:
- 3 филџани бело брашно
- 2 филџани палента
- 1 филџан масло
- 2,5 филџани газирана вода
- 15 гр прашак за печиво
- 1 мала лажичка сол
- 300 гр праз.
Подготовка:
- Празот исечкајте го многу ситно. Ставете го во сад и додајте ја солта и 2-3 лажици масло. Потоа изгмечете го да омекне и да пушти течност.
- Во садот каде ќе ја мешате пројата ставете ја палентата, брашното и прашокот за печивото просеани низ сито, празот и измешајте ги. Додајте ја газираната вода и маслото, и повторно измешајте да се изедначи смесата.
- Смесата турете ја во тава за печење намачкана со масло и посипана со брашно.
- Оставете ја да стои 30 минути. Потоа, вклучете ја рерната да се загрее на 190 степени. Ставете ја пројата да се пече за време од 35 до 40 минути, а потоа оставете ја уште 5 до 6 минути во исклучена рерна.
- Печената посна проја со праз оставете ја да олади и потоа послужете се.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: 3 испробани рецепти за проја без глутен.