посна чорба од леќа

Посна чорба од леќа

Вкусната чорба од леќа е омилена на многумина, а постојат голем број на рецепти за нејзина припрема. Денес со вас го споделуваме рецептот за посна чорба од леќа кој ни го испрати Сузана.

Денес во светот постојат околу 40 сорти на леќа, кои меѓусебно се разликуваат по бојата, големината и обликот. Но заедничко за сите нив е тоа што не содржат заситени масти и штетен холестерол, а изобилуваат со растителни влакна. Поради високата концентарација на витаминот В и големата количина на јаглени хидрати, леќата претставува високо хранлива намирница.

посна чорба со леќа

Состојки:

  • 150-200 гр леќа
  • 2 средно големи моркови
  • 1 пиперка
  • 2 помали компири
  • 1 главица кромид
  • 1 домат
  • малку буковска пипер
  • малку црвена пипер
  • црн пипер
  • малку сол
  • 2-3 чешниња лук
  • магдонос.

Подготовка:

  1. Кромидот, пиперката, доматот и морковите ситно се сечкаат. Компирите се лупат и се сечкаат на коцки.
  2. Во тенџере на оган се става малку масло да се загрее. Во загреаното масло се става кромидот и се запржува додека омекне. Во тенџерето се додаваат сечканите моркови и компирите, па се става малку вода и остава кратко време за да се динста.
  3. Потоа, се додава сечканата пиперка и се динста околу 1 минута. Во тенџерето се додава измиената леќа, исечканиот домат, се зачинува со буковска пипер, црвена пипер, црн пипер и се посолува.
  4. Постепено со постојано мешање, се додава врелата вода, се покрива со капак (кој предлагаме да не е целосно затворен, со цел да не дојде до претекување), па се остава да се вари на тивок умерен оган околу еден час.
  5. Пред да се тргне од огнот се додаваат ситно сечкан магдоносот и ситно сечканото лукче. Се вари уште неколку минути и јадењето е готово. Топлата посна чорба од леќа послужете ја веднаш. На здравје!

Рецептот го испратил: Сузана Ѓоргиевска

Ви предлагаме да прочитате: Чорба од леќа.

Сподели: