Мали вкусни залчиња за големо уживање! За време на постите изненадете го семејството и пријателите со многу брз и едноставен рецепт кој изгледа фантастично добро. Пригответе посни бомбици од палента и маслинки.
Многу се декоративни и се супер предлог за куќните слави и имендени во време на пости. А, плус тоа направени се од здрави состојки кои ќе го обезбедат организмот со хранливи материи. Посно, вегетаријанско, без глутен и здраво!

Состојки:
- 1 чаша палента
- 4 чаши вода
- хималајска сол по вкус
- мелен црн пипер по вкус
- ½ мала лажичка оригано
- 10 несолени маслинки
- ½ лажица сончогледово масло
- 100 грама семки од тиква.
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на средно висока температура ставете ја водата да се вари. Штом водата зоврие во тенџерето додајте ја палентата и мешајте со жица за матење додека се згусне, за време од 3 до 4 минути.
- Тенџерето тргнете го од огнот и додајте ги маслото, ориганото, посолете по вкус и зачинете со мелен црн пипер. Палентата убаво измешајте ја. Тенџерето покријте го со капак за време од 10 до 15 минути.
- Семките од тиква исечкајте ги или истолчете ги.
- Маслинките ситно исечкајте ги. Потоа, сечканите маслинки додајте ги во палентата и измешајте.
- Со навлажнети раце формирајте бомбици.
- Бомбиците валкајте ги во претходно исечканите семки од тиква на ситни парчиња. Готовите посни бомбици од палента и маслинки послужете ги додека се топли или ладни со прилог по желба.
Ви предлагаме да прочитате: 3 причини да јадете семки од тиква.