Овој пат од кујната на креативната Лана ни доаѓа еден интересен и вкусен рецепт за рустична пита со домати. Всушност оваа пита се прави со класично тесто за пица во комбинација со фил од домати и бешамел сос. Многу е вкусна и лесна за подготовка, па доколку не сте одлучиле што ќе подготвите денес за вечера или утре за појадок, еве ви една супер идеја.
Ние обожаваме пити, а сигурни сме дека мал е бројот на оние кои може да одолеат на вкусно и сочно парче домашна пита. Па, израдувајте ги најблиските и направете ја оваа рустична пита со фил од домати.
Состојки:
За тесто:
- 300 г брашно
- 1 рамна лажичка сол
- ½ лажичка сода бикарбона
- 100 мл млеко
- 1 лажица кисела павлака
За фил од домати:
- 500 г свежи домати
- 1 чешне лук
- сол и црн пипер по вкус
- босилек по вкус
За бешамел сос:
- 150 мл млеко
- 100 мл павлака за готвење
- 25 г путер
- 1 лажица брашно
- ½ лажичка сол
- 100 г пармезан или кашкавал.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење промешајте ги брашното, солта и содата бикарбона.
- Додајте ја павлаката, а потоа, постепено додавајте го млекото и заместе тесто.
- Вака подготвеното тесто завиткајте го во фолија и оставете го половина час во фрижидер.
- Додека тестото стасува во фрижидер направете ги филот од домати и бешамел сосот.
- За сосот од домати, на малку масло кратко запржете го чешнето лук, па потоа додајте ги доматите исечкани на коцки. Посолете по вкус и зачинете со малку сечкан босилек. Вака подготвениот доматен сос динстувајте го околу 10 минути додека испари вишокот течност и додека ја добие посакуваната густина.
- Додека пак за бешамел сосот на малку путер запржете 1 лажица брашно, па додајте ги млекото и павлаката за готвење и постојано мешајте за да не се направат грутчиња.
- Зачинете по вкус со сол и црн пипер. Сосот варете го околу 5 минути, додека ја добие посакуваната густина. На крај додајте го пармезанот и добро измешајте за да се соединат и растопат сите состојки.
- Калапот за печење премачкајте го со путер ( може да користете и калап за торта). Потоа, тестото развлечете го во круг со поголем обем од калапот за печење. Со помош на сукало пренесете го во калапот, а остатокот превиткајте го на рабовите.
- Врз тестото најпрво распоредете го филот од домати, а потоа и бешамел сосот. Со помош на виљушка малку промешајте со цел да се соединат двата фила (не треба многу да се меша).
- Рабовите на тестото префрлете ги врз филот така што ќе ги завиткате во облик на бранови.
- Питата печета ја во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Посна пита со пиперки.