Имаме нов рецепт и специјалитет! Ваква убава солена торта со домати и бешамел неможе да се најде ниту во еден ресторан. Креативноста на Катерина уште еднаш е докажана на дело!
Веруваме дека сликата ве освои и вам, па ајде во кујната и започнете со месење. Состојките кои се потребни за да ја направите оваа солена торта се едноставни и сигурно ги имате на располагање. На крај ќе добиете мека и сочна солена торта, полна со фил и преубав медитерански вкус.

Состојки за тесто:
- 300 брашно
- околу ¾ чаша (од 200мл) млако млеко
- 2 лажици неутрална павлака за готвење
- ¼ лажичка сол
- малку сода бикарбона.
За бешамел сос:
- 150 мл млеко
- 100 мл неутрална павлака за готвење
- 4 полни лажици пармезан
- 25 гр путер
- 25 гр брашно
- по потреба сол и црн пипер.
Други состојки:
- 500 шери домати исечкани на четвртини (може да се користат било какви домати)
- 2 чешниња сечкан лук
- малку сув босилек, оригано, сол, црн пипер, маслиново масло.
Подготовка:
- Од состојките за тесто замесете средно меко тесто.
- Завиткајте го во најлонска фолија и оставете да отстои 30 минути.
- Во тава на оган ставете маслиново масло.
- Додајте ги шери доматите исечени на четвртинки и сечканото лукче.
- Наросете малку сув босилек, оригано, малку сол и црн пипер и пржете додека испари течноста што ја пуштаат доматите.
- Во тенџере на оган ставете го путерот да се растопи, па додајте го брашното.
- Откако брашното ќе се пропржи додајте ги стоплените млеко и павлака за готвење.
- Посолете, наросете пипер и мешајте додека се згусти.
- Потоа тргнете го тенџерето од оган, додајте го пармезанот и измешајте.
- Тестото расукајте го во округла кора и нанесете ја во кружен капал (или плех), со тоа што краевите да висат надвор од калапот.
- Ставете ги пржените домати, па врз нив бешамел сосот.
- Преклопете ги краевите кон среднината, но не до крај ( како што е на сликата).
- Печете на загреана рерна од 200 степени, за време околу 25-30 минути (зависно од рерната).
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Солена торта со компири и кашкавал.