домашен путер од јаболка

Ароматичен путер од јаболка

Овој ароматичен путер од јаболка, несомнено ќе го донесе мирисот на есента во вашиот дом. Одличен е за сите генерации, од најмали па се до најстари. Македонија е земја која изобилува со вкусни јаболка, па да ги искористиме и да ги направиме најубавите рецепти!

Иако во овој малку необичен путер, воопшто нема путер, тој по својата мазна и фина конзистенција многу потсетува на овој млечен производ, па од тука го добил и своето име. Одлично оди со парче препечен леб и чаша овошен чај. Кратко кажано ова е совршен есенски рецепт, кој ќе ве топли и во зимските денови.

путер од јаболка

Состојки:

  • 2 кг непрскани јаболка
  • 1 чаша домашна јаболкова киселина
  • 2 чаши вода
  • 4 чаши шеќер
  • прстофат сол
  • 2 лажички цимет
  • ½ лажичка каранфилче
  • ½ лажичка пимент по желба
  • кора и сок од 1 лимон.

Подготовка:

  1. Јаболката добро измијте ги и исечете ги на четвртинки. За подготовка на овој путер јаболката не треба да се лупат, бидејќи лушпата содржи пектин и дава убав вкус и густина. Затоа јаболката треба да бидат непрскани и нетретирани. Доколку на кората има оштетени делови отстранете ги.
  2. Во длабок сад за готвење додајте ги парчињата јаболка, водата и јаболковата киселина.
  3. Јаболката варете ги околу 20 минути или додека омекнат. Садот тргнете го од огнот.
  4. Варените јаболка испасирајте ги со рачен блендер или виљушка, така што ќе добиете пире од јаболка.
  5. Во садот со пирето од јаболка, додајте ги шеќерот, зачините, кората и сокот од лимон.
  6. Вака подготвеното пире од јаболка варете го во непокриен сад со постојано мешање на ниска температура.
  7. Варете околу 1-2 часа или додека путерот од јаболка добие мазна конзистенција и се згусни.
  8. Вака подготвениот путер од јаболка соберете го во чисти тегли. Теглите добро затворете ги и стерилизирајте ги со варење во вода.

Ви препорачуваме да прочитате: Романска пита со јаболка и цимет.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: