компот од круши

Домашен компот од круши

Крушите се одлични за здравјето и лесно достапни на нашите простори. Важно е да се знае дека се хипоалегрична храна која може да ја консумираат и дечињата од најмала возраст, па затоа се вели дека крушите се супер храна за сите генерации.

Крушите се добар извор на растителни влакна, кои имаат поволно влијание врз кардиоваскуларниот систем, ја подобруваат активноста на дебелото црево и на тој начин спречуваат запек, со што го штитат здравјето на дебелото црево и го намалуваат ризикот од рак. Исто така, постојат студии кои покажуваат дека консумирањето на овошјата богати со влакна можат да го намалат ризикот од рак на дојка за 34-50% кај жените во менопауза.

Затоа искористете ја сезоната и направете домашен компот од круши, кој ќе ви овозможи да уживате во вкусот и благодатите преку целата година. А што е најдобро е 100% природен и не содржи конзерванси, а сигурно ќе ве освежи вас и вашите најмлади членови во семејството. Ние го направивме овој компот од круши без шеќер, а ако сте љубител на поблаги компоти, може да додадете шеќер по желба.

компот од круши

Состојки:

  • зрели круши
  • шеќер по желба
  • вода.

Подготовка:

  1. Крушите добро измијте ги, излупете ги, пресечете ги на половина и отстранете им ги семките. Потоа, по пресечете ги на четвртини или помали парчиња. Во секоја тегла, малку повеќе од половина од висината, ставете круши и по желба додајте 2 до 3 лажици шеќер (во зависност од блажината на крушите).
  2. Во теглите со круши дополнете вода, но оставете 1 до 2 см од врвот на теглата.
  3. Вака подготвените тегли свиткајте ги со хартија и наредете ги во шерпа или големо тенџере. Во шерпата налејте вода за да ги покрие теглите и приклучете го шпоретот на средна температура. Откако водата во тенџерето ќе зовре, варете уште 10 минути на тивок оган. Потоа исклучете го шпоретот и оставете ги теглите во шерпата да се изладат преку ноќ. Наредниот ден, теглите извадете го од шерпата, отстранете ја хартијата и ставете ги во зимницата.
  4. По желба, домашниот компот од круши, може да го изблендирате со што ќе добиете многу вкусен сок. На здравје!

Сподели: