Домашен чоколаден ликер со чоколадо и ванила

Топлите денови започнаа! Убавите моменти кои ги носат пролетта и летото, седенките во дворот, матурските забави, свадбите и дружењата со пријателите би биле уште подобри со домашен чоколаден ликер.  

Љубителите на чоколадо го сакаат ова слатко задоволство во сите форми и видови. Затоа сме сигурни дека ќе ве израдува овој рецепт за домашен чоколаден ликер со кој може да наздравите уште денес. Покрај тоа што е вкусен пијалок, домашниот ликер може да биде и одличен подарок за секоја прилика.

чоколаден ликер

Состојки:

  • 500 мл трајно млеко
  • 300 грама шеќер во прав
  • 200 грама чоколадо за готвење
  • 3 кесички ванилин шеќер
  • 100 – 150 мл рум или ракија по избор.

Подготовка:

  1. Млекото, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер, ставете ги во тенџере на оган, на умерена температура. Во текот на варењето со помош на лажица отстранете ја пената.
  2. Штом млекото престане да се пени, во тенџерето додајте го чоколадото искршено на коцки, а потоа тргнете го од огнот.
  3. Мешајте со лажица додека чоколадото се растопи. Ликерот оставете го да се излади.
  4. Во изладената течност додајте го румот (или ракијата) и измешајте.
  5. Ликерот процедете го низ цедилка и ставете го стаклено шише. Готовиот чоколаден ликер чувајте го во фрижидер, а може да го послужите со неколку коцки мраз.

Совет плус: За чување на ликерот користете поголемо шише. При тоа треба да оставите простор, за да може ликерот подобро да се измеша пред служење.

Ви предлагаме да прочитате: Домашен ликер од кафе.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: