Зачинет печен карфиол во фурна

Одлична идеја за вкусен ручек или вечера! Дали сте пробале досега да направите зачинет печен карфиол со прелив од сенф, маслиново масло и свежо цеден сок од лимон?

Нашата пријателка Диана, на нејзиниот блог Trydiani, објави прекрасен рецепт за зачинет печен карфиол, кој вреди да се проба. Рецептот е здрав, вегетаријански, нискокалоричен, изобилува со растителни влакна и не содржи глутен.

печен карфиол

Состојки:

  • 1 карфиол со средна големина
  • 2-3 лажици маслиново масло
  • 1 лажиче црвен пипер
  • сол по потреба.

За прелив:

  • 1-2 лажици сенф
  • 30 мл маслиново масло
  • свежо цеден сок од половина лимон
  • неколку стапчиња свеж зелен коријандер или магдонос
  • ситно сечкан лук, по желба.

Подготовка:

  1. Карфиолот се чисти од листовите и внимателно се засекува во внатрешноста на стеблото.
  2. Се посипува со мала количина на сол по површината, а потоа со црвен пипер и зачините се добро се размачкуваат со раце. Се додава малку маслиново масло и повторно убаво се премачкува од сите страни.
  3. Зачинетиот карфиол се става во загреана рерна да се пече на 180 степени, за време од 40 минути. Вака приготвениот карфиол најдобро е да се пече во намрсена метална тава или силиконски сад за печење, а керамичките или стаклените форми во овој случај не се препорачуваат бидејќи можат да пукнат за време на печењето. По желба во тавата каде што се печи карфиолот можат да се додадат и моркови.
  4. Додека карфиолот се пече, се подготвува преливот. Свежо исцедениот сок од половина лимон се става во длабока чинија. Во чинијата се додаваат сенфот, исечканиот лук и магдонос. Убаво се мешаат сите состојки за преливот.
  5. Испечениот карфиол се премачкува со преливот убаво од сите страни, се додаваат уште еднаш зачини по желба и може да се сервира. Зачинетиот печен карфиол може да се сервира како самостоен оброк, но исто така како прилог со порција пастрмка.

Сподели: