peceni stapcinja od palenta

Печени стапчиња од палента со сирење и сос од рукола

За сите гурмани со префинет вкус, но и за останатите! Ако досега палентата ја јадевте приготвена на класичен начин, време е да го пробате овој нов рецепт. Направете печени стапчиња од палента, послужете ги со сирење и сос од рукола.

Звучи вкусно, зарем не? Рецептот е испробан во кујната на Диана.

печени стапчиња од палента

Состојки:

  • 1 чаша бујон од зеленчук
  • 1 чаша млеко
  • ½ чаша палента
  • 1 лажица путер
  • 3 лажици рендан пармезан
  • 3 лажици рендан чедар (во замена може да се користи кашкавал)
  • 1 мала лажичка мајчина душица
  • ¼ мала лажичка куркума
  • сол и црн пипер по вкус
  • ½ чаша лебни трошки за панирање.

За сос од рукола:

  • 1 ½ чаша рукола
  • ¼ чаша зелени маслинки
  • ¼ чаша магдонос
  • 1 лажица свежо цеден сок од лимон
  • 2 лажици масло
  • сол и црн пипер по вкус.

За гарнирање:

  • сирење фета или друго по желба.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган ставете ги млекото и бујонот од зеленчук.
  2. Штом зовријат во тенџерето додајте ги палентата и мајчината душица. Мешајте со жица за матење додека палентата се згусни. Потоа додајте ги путерот, пармезанот, чедарот, сол и црн пипер по вкус.
  3. Тавата со димензии 20*15 см, обложете ја со најлонска фолија. Во неа додајте ја сварената палента. Оставете ја во ладилник да се стегне околу еден час, а може и преку ноќ.
  4. Потоа, исечете ја на парчиња. Парчињата валкајте ги во лебни трошки, а потоа наредете ги во тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреена рерна на 250 степени за време од 15 минути, додека добијат златеста боја. По желба може и да ги испржите.
  5. Во меѓувреме пригответе го сосот од рукола. Руколата, магдоносот и маслините исечкајте ги на парчиња по желба. Исто така може и да ги истолчите. На крај зачинете ги со масло, сок од лимон, сол и црн пипер по вкус.
  6. Печените стапчиња од палента ставете ги во чинија за сервирање. Сервирајте ги со тенки листови од ротквица, сос од рукола и парче сирење. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Зачинети печени стапчиња од палента.

Сподели: