Готвиме со Марија Кочовска: Полнети јајца со фил во три вкусови

Сакате да направите мала промена на велигденската трпеза? – Изненадете го семејството со превкусна салата, сервирана во белки од варени јајца. Потребни ви се 10-тина минути за подготовка, а веруваме дека секој член на семејството ќе го пронајде омилениот вкус. Овие симпатични полнети јајца со фил, направени само со 5 состојки ги припреми Марија од нашиот тим. Уживајте во прекрасните фотографии и запишете си го рецептот, па за време на велигденските празници, направете го и дегустирајте го.

„Време е за велигденската магија и радост во домот! А храната е креација, љубов и задоволство. Овие празници, направете трпеза со нови и креативни рецепти. Поканете ги децата, забавувајте се во кујната и пробајте ги вкусните полнети јајца со три различни филови. Брзи, едноставни и најважно од сѐ – превкусни!“ – вели Марија.

полнети јајца подготовка

Состојки:

  • 5 варени јајца
  • 50 мл мајонез
  • 1 лажица сенф
  • 30-50 г цвекло од тегла
  • ½ авокадо.

Подготовка:

  1. Јајцата сварете ги, оставете ги кратко да се изладат, а потоа излупете ги. Пресечете ги на половина и одвојте ги жолчките од белките. Жолчките ставете ги во мал сад и испасирајте ги со виљушка.
  2. Потоа додајте ги во сечко, кујнски процесор или блендер. Во садот со жолчките додајте го мајонезот и сенфот. Кратко изблендирајте за да добиете хомогена смеса. Смесата поделете ја на три дела.
  3. Авокадото излупете го и додајте го во сечкото. Додајте една третина од филот со жолчки. Изблендирајте кратко. По желба посолете со морска сол. Филот ставете го во мал длабок сад.
  4. Парчињата цвекло ставете ги во сечкото. Кратко изблендирајте, а потоа додајте третина од филот со жолчки. Повторно кратко изблендирајте. Филот со цвекло ставете го во друг мал длабок сад.
  5. Белките наредете ги во чинија за сервирање. Со помош на мала лажичка или готварски шприц наполнете ги белките. Декорирајте со свежо нане, магдонос или црвена пипер по избор. Уживајте во светот на вкусовите за велигденските празници!

Препорака од авторот:

„Ви се допаѓаат фотографиите кои ги припремив за вас? Одлучивте ли да го испробате овој рецепт? – Разгледајте повеќе велигденски рецепти на мојот профил на Инстаграм. Направив мал водич (е-готвач) со моите велигденски рецепти. Кликнете на линкот и разгледајте ги моите идеи. Следете ме на Instagram и Facebook, и штом ги направите, испратете ми ги фотографиите или означете ме. Ќе ми биде задоволство да ги споделам на стори.“ – вели Марија.

полнети варени јајца

Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска@kocovska.marija.

Ви предлагаме да прочитате: Велигденска кремаста салата со јајца.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: