Полнето свинско месо со печурки

Нашата пријателка Лана, повторно изненадува со одличен рецепт за полнето свинско месо со печурки. Овој ролат од месо е идеален за богат семеен ручек или за свечена трпеза за куќна прослава, именден или роденден.

Лесно може да го направите, а комбинацијата од месо, печурки, чадена сланина сигурно ќе го освои сечиј вкус! Направеното месо со печурки ви предлагаме да го послужите со свежа салата и чаша вино.

полнето свинско месо со печурки

Состојки:

  • 700 – 800 грама свинска удина
  • 400 грама шампињони
  • 1 поголема главица кромид
  • 100 грама панцета или чадена сланина
  • 2 до 3 лажици лебни трошки
  • 1 јајце
  • сол
  • црн пипер
  • магдонос.

Подготовка:

  1. Свинската удина засечете ја по средината и отворете ја како книга. Исчукајте ја со кујнски чекан од двете страни, посолете ја и наросете мелен црн пипер.
  2. Кромидот и панцетата ситно исечкајте ги.
  3. Шампињоните исечете ги на тенки листови.
  4. На малку масло, пропржете ја ситно сечканата панцета, додајте го кромидот и заедно кратко пржете ги. Во тавата додајте ги ситно сечканите шампињони и динстајте ги заедно додека испари течноста која ќе ја пуштат печурките. Посолете и зачинете ги со мелен црн пипер во вкус. Во тавата додајте 2 до 3 лажици лебни трошки, 1 јајце и сечкан магдонос.
  5. Врз месото ставете од припремениот фил и завиткајте го во форма ролат. Ролатот од месо прицврстете го со конец или чепкалки. Прелијте го со малку масло и цврсто замотајте го во алуминиумска фолија. Ставете го во тава во која претходно ќе ставите 1 чаша вода. Тавата ставете ја во рерна да се пече на 200 степени за време од 1 час.
  6. Пред крајот од печењето, одвиткајте ја фолијата и вратете го месото да се пече за време од 20 минути, додека порумени. Печеното месо со печурки извадете го од рерната, оставете го кратко да се излади, а потоа исечете го на парчиња. Парчињата месо, ставете ги во чинија, а над нив ставете од сокот во тавата, кој го пуштило месото за време на печењето. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Семејна тава со свинско месо.

Сподели: