мафини со зеленчук

Солени протеински мафини со зеленчук

За само 20 минути направете си протеински мафини со зеленчук кои се идеални за појадок. Наменети се за сите кои активно вежбаат и се посветени на здравиот начин на живот, а се во потрага по интересни рецепти богати со протеини и со мал број на јагленохидрати.

Овие мафини со зеленчук изобилуваат со вкусови и здравствени придобивки, а се прават многу лесно. Претставуваат вкусни залчиња полни со протеини кои ги содржат јајцата и урдата и хранливи состојки кои се наоѓаат во зеленчукот. Може да ги јадете топли или ладни, за појадок, ручек или вечера или по тренингот.

Јајцата се богати со минерали и протеини. Тие содржат омега 3 масни киселини, А, Б, Д Е и К витамини и широк спектар на амино киселини – кои ги градат протеините. Пиперката нема висока енергетска вредност и е многу погодна за диетална исхрана, но затоа е богата со минерали, витамини и други корисни состојки. Таа содржи околу 89% вода. Спанаќот е извор е на голема количина на витамините Ц и А, што го прави да биде познат како зеленчук против стареење. Корисниот и здрав млад кромид, благодарение на големата количина на флавоноиди во својот состав ја поттикнува работата на имунолошкиот систем, го инхибира (спречува) создавањето на слободните штетни радикали и му помага на организмот да се одржи витален и здрав.

Состојките во рецептот се доволни за 6 мафини, а во една порција од 3 мафини има 259 калории, 19,8 грама протеини, 15,8 грама јагленохидрати, 13,8 грама масти и 5 грама растителни влакна.

мафини со зеленчук

Состојки:

  • 1 пиперка
  • 3 млади кромитчиња
  • 1 домат
  • 6 јајца
  • 1 мала лажичка сол
  • 50 грама урда
  • ½ чаша спанаќ
  • кари
  • 2 мали лажички чили сос по желба.

Подготовка:

  1. Измијте ги и исечкајте ги пиперката, кромидот и доматите, а потоа ставете ги во голем сад.
  2. Додајте ги јајцата и солта и добро измешајте. Во садот со јајцата, додајте ги спанаќот, урдата, кари зачинот и чили сосот по желба.
  3. Калапот за мафини намрсете го и ставете од смесата. Ставете го да се пече во загреена рерна на 200 степени за време од 15 минути или додека мафините се цврсти при допир. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Солени мафини со спанаќ и сирење.

Сподели: