прочка домашен мазник со сирење

Рецепт за домашен мазник со сирење

Домашно си е домашно, а и највкусно! Во различните краеви низ Македонија, овој месен специјалитет е познат и како пита, тегната пита, колпите, мазник, а можеби се нарекува и со друго име, кое не го знаеме.  А највкусниот мазник со сирење го прави нашата тетка Вера, која ни го прераскажа рецептот.

Овој домашен рецепт за мазник со сирење е повеќе пати испробан во нашата кујна, а одличен за збогатување на трпезата за време на куќни слави, имендени или други свечености. Редовно е на нашата листа на омилени рецепти кои ги приготвуваме секогаш кога ни се каснува нешто месено и вкусни, а најредовен е на нашите куќни слави и имендени. Не двоумете се и пробајте го уште денес!

домашен мазник со сирење

Состојки:

  • 700 грама брашно
  • 1/8 од мала коцка квасец
  • 1 мала лажичка шеќер
  • 100 мл млака вода
  • 100 мл масло
  • 1 мала лажичка сол
  • млака вода по потреба
  • 500 грама сирење.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете го квасецот, шеќерот, 1 лажица брашно и млаката вода. Убаво измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса. Оставете го садот на топло место за време од 5 до 10 минути додека квасецот нарасне.
  2. Брашното пресејте го со сито.
  3. Во длабокиот сад ставете ги брашното, маслото, солта и постепено додавајте млака вода по потреба. Замесете меко тесто.
  4. Тестото поделете го на 4 дела. Од секој дел формирајте топка, а потоа со сукало исучете кора со дијаметар од 15 см. Корите од двете страни премачкајте ги со масло и оставете ги да стојат за време од 30 минути.
  5. Во меѓувреме, сирењето ставете го во чинија и со помош на виљушка издробете го.
  6. Потоа, врз масата ставете чаршав. Врз чаршавот истегнете голема тенка кора. Краевите на кората отстранете ги со помош на нож. Кората попрскајте ја со масло и врз неа нанесете од сирењето. Со помош на чаршавот, кората свиткајте ја како ролна, а потоа свиткајте ја во форма на полжав. Постапката повторете ја со сите кори. Вака приготвените кори, ставете ги во претходно намрсена тава. Повторно попрскајте ги корите со малку масло и ставете ја тава во загреана рерна на 250 степени.
  7. Припремениот домашен мазник со сирење печете го за време од 20 до 25 минути, додека добие убава румена боја. Печениот мазник извадете го од рерната, прекријте го со кујнска крпа и оставете го кратко време да се излади. Потоа, послужете го. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Мазник со готови кори – лесен рецепт.

Сподели: