Ако досега не сте направиле домашен леб, сега е вистинското време за тоа. Наместо да купувате, денес направете си домашен леб со зачини. Нека замириса домот на топло и ароматично печено лепче!
Мирисот на домашен и топол леб не враќа во детство, во времето кога нашите баби ни го подготвуваа со голема љубов. Домашниот леб е највкусен па затоа, ви предлагаме да го испробате рецептот на нашата пријателка Ивана и да направите домашен леб со зачини. Лесно и едноставно се прави, а најдобро е тоа што зачините може да ги комбинирате по ваш вкус. Повеќе фотографии од подготовката може да погледнете тука.
Состојки:
- 1кг брашно
- 2 лажици сол
- 1 лажица шеќер
- 500 мл млака вода
- 1 квасец
- зачини по желба (црвен пипер, оригано, кари, мајчина душица, босилек, копар, мешан зачин).
Подготовка:
- Квасецот растворете го со млака вода со шеќер. Во подлабок сад ставете ги брашното и солта. Додајте го квасецот и постепено додавајте млака вода. Замесете средно меко тесто, покријте го со кујнска крпа или фолија и оставете го за да надојде.
- Тестото ставете го на работна површина и поделете го на 2 или 3 топчиња (во зависност од тоа колку лебчиња сакате да направите). Земете едно топче и поделете го на 7 делови (колку зачини ќе употребувате, толку делови направете).
- Од секој дел расукајте кора. На првата кора ставете зачин и врз не ставете друга кора. Повторно ставете зачин и друга кора. Постапката повторувајте ја додека имате кори.
- Така наредените кори завиткајте ги во ролат и засечете го одозгора. Истата постапка повторувајте ја и со преостанатите топчиња. Ролатите покријте ги со кујнска крпа и оставете ги надојдат.
- Потоа, ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, додека поруменат.
Автор на рецептот: Ивана Здравковска.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашен леб на италијански начин.