Домашен рецепт за домата (доматно пире) 1

Домашен рецепт за домата (доматно пире)

Да се зачуваат традиционалните рецепти кои се приготвуваат во Македонија е наша цел! А еден од нив, кој домаќинките секоја година го прават е рецептот за домата.

Рецептот ни доаѓа од кујната на Даниела, а таа за овој рецепт вели: „Доматите подготвени на овој начин имаат долг рок на траење. Верувам дека скоро сите подготвуваат домати за во зима и на многу им е познат овој начин, но сепак решив да го споделам за помладите домаќинки затоа што е многу едноставен, а сепак без конзерванс и други додатоци со што се задржува природниот вкус на доматите. Ова пире редовно го користиме за болоњезе сосот, за чорби, варива, а и како салата со додаток на праз.“

Домашен рецепт за домата (доматно пире) 2

Состојки:

  • 5 кг зрели црвени домати
  • 3 лажици сол
  • 6 лажици шеќер.

Подготовка:

  1. Најпрво ја отстрануваме лушпата од доматите, така што доматите се мијат и се редат во подлабок сад. Се полеваат со вриена вода, се покриваат и се оставаат 5 минути.
  2. Потоа ги лупиме и ги рендаме на крупната страна од рендето. Ако сакате пирето да биде без семки тогаш користете специјална машина за мелење која ги задржува лушпата и семките. Јас не ги отстранувам семките и затоа ги рендам доматите.
  3. Доматите ги ставаме во подлабок лонец, да се варат на средна температура со повремено мешање.
  4. Додека се варат доматите се мијат шишиња или тегли и се ставаат во рерна на 100 степени за убаво да се загреат, со што се прави нивна стерилизација.
  5. Штом доматите се варени, во тенџерето се додаваат шеќерот и солта. Се меша доматата и се собира во врелите шишиња. Шишоњата се затвараат убаво и се оставаат да се изладат. Ладните шишиња со домата се сместуваат кај другата зимница.

Рецептот го испратил: Даниела Џогова.

Ви предлагаме да прочитате: Маринара сос од домати во тегли.

Сподели: