На предлог на нашата пријателка Диана, ни доаѓа уште еден фантастичен рецепт за посен намаз од печурки и грав. Она што многу ни се допадна е тоа што за неговата подготовка потребни се неколку состојки, а целиот процес на припрема е многу едноставен.
За време на пости, кои целосно се исклучени протеините од животинско потекло, потребно е истите да ги замените со храната која е дозволена да се јаде. Неколку намирници кои се посни, а богати со протеини се: наут, леќа, грав, печурки, грашок, а од поновите храни може да ги споменеме киноа, амарант, просо, семиња и јатки. Па, поаѓајќи од ова, Диана го креира овој рецепт и истиот го објави на нејзиниот блог Trydiani.

Состојки:
- 2 чаши свежи шампињони
- 1 чаша варен и исцеден бел грав
- 1 страк млад кромид
- 1 чешне лук
- сол и црн пипер по вкус
- 2-3 лажици масло.
Подготовка:
- Печурките ги сечкаме на тенки листови.
- Кромидот и лукот ситно ги сечкаме.
- Во нелеплива тава на оган ставаме 1 до 2 лажици масло да се загрее. Во загреаното масло ги додаваме исечканите печурки, сечканиот кромид и лук. Мешаме и ги запржуваме додека омекнат.
- Притоа, важно е печурките да останат светли. Тавата со запржените печурки ја тргаме од огнот.
- Во длабок сад се става исцедениот грав и се додаваат печурките од тавата. Се мешаат и се зачинуваат со сол и црн пипер по вкус. Потоа се ставаат во блендер и се миксираат додека се добие намаз.
- По желба може да се додаде масло, како и свежи зачини. Готовиот намаз од печурки и грав се става во фрижидер за време од неколку часа за да се соединат вкусовите. Се служи во комбинација со салата, парчиња леб и свежи зачини. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Посен намаз од кикиритки и семиња.