Толку убаво изгледа, што веднаш ќе посакате да го пробате! Рецептот за запеченото посно компир пире со фил од спанаќ ни доаѓа од кујната на Невена.
Одличен е како предлог за време на пости, за вегетаријанци, но и кога ви се каснува нешто поздраво и лесно. И што е најважно, подготовката е многу едноставна.

Состојки:
- 1½ кг компири
- 3 рамни лажици брашно
- зачини по вкус: сол, црн пипер, мешан сув зачин, рендано морско оревче.
Фил од спанаќ:
- 500 гр спанаќ
- 1 голем морков
- 2 средни млади кромидчиња
- 1 чаша (од 150 мл) ориз
- 7-8 лажици масло
- по вкус сол, црн пипер, мешан сув зачин
- по потреба сусам и ленено семе
- по потреба маргарин и лебни трошки за мачкање на тавата.
Подготовка:
- Компирите сварете ги со лушпата да омекнат. Оставете ги да оладат и излупете ги. Потоа изрендајте ги и изгмечете ги со алатка за пире. Додајте ги зачините по вкус и брашното. Измешајте да се изедначи смесата.
- Спанаќот исчистен и измиен, обарете го во зовриена и посолена вода. Потоа исцедете го и исецкајте го.
- Оризот сварете го во вода да омекне, потоа исцедете го.
- Морковот изрендајте го, а младото кромидче исечкајте го на ситно. Пропржете ги во тава на оган со загреано маслото, а потоа додајте ги спанаќот, оризот и зачините по вкус. Убаво измешајте.
- Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.
- Тава за печење намачкајте ја со маргарин или масло и посипете ја со лебни трошки.
- Ставете половина од пирето и израмнете го со намрсена лажица.
- Ставете го целиот фил и израмнете го, а одозгора останатото пире и израмнете. Попрскајте го со масло и посипете со сусам и ленено семе.
- Ставете го да се запече 30 – 40 минути.
- Готовото запечено посно компир пире со фил од спанаќ послужете го топло со салата по желба.
Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.
Ви предлагаме да прочитате: 9 лесни и посни рецепти со компири.