Комбинацијата од кокос, чоколадо и рум е една од нашите омилени вкусови. Токму затоа, во нашата кујна припремивме сочни, чоколадни кокос коцки со рум кои многу лесно се прават, а ќе се заслади целото семејство.
Состојките за овие кокос коцки се едноставни, сигурно ги имате во вашата кујна, па засукајте ги ракавите и пригответе слатко изненадување.

Состојки:
- 9 лажици брашно
- 3 јајца
- 9 лажици шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 15 лажици млеко
- 3 лажици масло
- 1 ќесичка прашок за печиво.
Чоколаден прелив:
- 500 мл млеко
- 6 лажици шеќер
- 4 лажици чоколадно какао
- 2 лажици рум
- 100 гр кокос за валкање.
Подготовка:
- Рерната пуштете ја да се загрева на 220 степени.
- Во длабок сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Матете ги со миксер за време од 5 минути, додека шеќерот се растопи и се добие густа кремаста смеса.
- Брашното и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија, па добро измешајте ги со лажица.
- Во садот со изматените јајца додајте ги млекото, маслото и кратко измешајте со лажица. Потоа во садот со јајцата, постепено додавајте од смесата со брашно и мешајте со лажица за да добиете хомогена смеса без грутчиња.
- Во тава со големина број 40, ставете хартија за печење. Доколку сакате да добиете повисоки коцки, смесата за колачот ставете ја во помала тава. Во тавата нанесете ја смесата за кокос коцките и добро израмнете. Тавата ставете ја во загреаната рерна и печете за време од 10 до 15 минути, потоа извадете го колачот од рерна и проверете со чепкалка дали е добро испечен. По потреба, продолжете со печењето.
- Испечениот колач извадете го од рерната и оставете го да се излади.
- Во тенџере на оган, на средна температура ставете го млекото, шеќерот, румот и какаото. Мешајте со лажица додека шеќерот се растопи.
- Изладениот колач превретете го од тавата, отстранете ја хартијата за печење и исечете го на коцки со големина по ваша желба. Земете една коцка, ставете ја во чоколадниот прелив кратко време, а потоа извалкајте ја во кокос. Постапката повторете ја со сите коцки. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате и рецепт за брзи бомбици од јаболка, рум и кокос.