Здосадено ви е да го приготвувате едноставното компир пире без никакви додатоци, па сакате да направите нешто ново? – Пробајте го овој рецепт за пире од компири со 3 сирења. Лесен е за подготовка, а е многу вкусен. Одличен избор и за вегетаријанците.
Ова е малку ,,појачан” рецепт за уште повкусно пире од компири со додаток од сирења и павлака. А пред да започнете со подготовката, добро ќе биде да го дознаете овој трик за највкусно пире од компири со совршена текстура.

Состојки:
- 800 грама компири
- 2 лажици путер
- 100 грама крем сирење
- 1 чаша изрендано чедар сирење (може да замените со кашкавал)
- ½ чаша исечкан едамер (може да замените со кашкавал)
- 100 грама павлака
- ¼ лажичка лук во прав
- млеко по потреба
- сол и црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Компирите излупете ги и исечкајте ги на коцки.
- Ставете ги во подлабоко тенџере и прелијте ги со вода. Потребно е водата да ги покрие компирите за да може подобро да се сварат.
- Тенџерето ставете го на оган. Компирите варете ги 15 до 20 минути, или додека омекнат. Прочитајте како може најбрзо да приготвите варени компири.
- Исцедете ја водата и испасирајте ги компирите.
- Во голем сад измешајте ги крем сирењето, чедар сирењето и едамерот. Мешајте со лажица додека добиете хомогена смеса.
- Во садот со сирењето додајте ги павлаката, лукот во прав, солта и црниот пипер по вкус. Добро измешајте.
- Во садот со пасираните компири додајте ја смесата од сирења и повторно измешајте.
- Ако ви изгледа многу густо, постепено додавајте млеко и продолжете со мешањето.
- Готовото пире од компири со 3 сирења сервирајте го со месо по желба, риба или грашок. Може и да го консумирате самостојно, а изборот е ваш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Како да приготвите совршено кремасто пире?