Посно, здраво и вкусно! Баш вака може да го опишеме посниот прилог од зеленчук сервиран со кус кус. А што е уште подобро, потребни ви се само 20-тина минути да го приготвите.
Рецептот ни доаѓа од кујната на Невена, а таа вели: „Зеленчукот што го употребив беше со средна големина тамам за да го распоредам на 4-5 порции. Зависно од вашите потреби самите можете да си ја одредите големината и количината на зеленчукот“.

Состојки:
- 1 тиквичка
- 1 црн патлиџан
- 1 кромид
- 1 пиперка
- 1 домат
- 1 парче (20 цм) праз
- 10-15 лажици масло
- по потреба сол.
За кус кус:
- 200 гр кус кус
- 320 мл вода
- по вкус сол и масло.
Подготовка:
- Тиквичката и црниот патлиџан излупете ги и исечкајте ги на помали коцки, додајте сол и оставете ги да стојат да пуштат вода. Потоа исцедете ги.
- Исчистете го и исечкајте го и останатиот зеленчук.
- Во тава за пржење ставете го маслото малку да се загрее и најпрво запржете го кромидот и празот. Потоа додајте ги пиперката, тиквичката и црниот патлиџан и со повремено мешање пржете ги додека омекнат. При крај додајте го и црвениот домат и посолете по вкус. Ако е потребно при пржењето додајте и малку вода за да не загорат и поубаво омекнат.
- Готовиот зеленчук покриен оставете го да лади и подгответе го кус кусот.
- Кус кусот ставете го во длабока чинија.
- Водата ставете ја во тенџере на оган да зоврие. Откако ќе зоврие прелијте го кус кусот и покриен оставете го да стои 7-10 минути (или подгответе го по упатството на вашата кутија).
- Потоа попрскајте го со малку масло и измешајте го со виљушка.
- Готовиот кус кус распоредете го во чинии и послужете го подготвениот посен прилог од зеленчук. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Посен прилог од зелка и моркови.